X
 19.05.2022 Живот

Денови на македонската литература посветени на Ацо Шопов

Ацо Шопов е еден од основоположниците на современата македонска поезија – автор на првата поетска книга на македонски јазик во слободна Македонија („Песни“, 1944), но и автор кој се вбројува во редот на најеминентните поети во Југоисточна Европа во XX век

По повод 70 години од објавувањето на стихозбирката „Стихови за маката и радоста“ и 40 години од смртта на познатиот македонски писател Ацо Шопов, денеска ќе почне манифестацијата Денови на македонската литература, во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје. Почетниот настан е насловен „Лирскиот дом на Шопов – отворени образовни и културни ресурси“,  а преку повеќејазичната веб-платформа која ќе биде достапна, ќе може да се проследи голем дел од творештвото на овој реномиран македонски поет, голем фонд на документи и податоци, како и критички одгласи за неговата поезија и голем обем на видеоматеријали и фотодокументација.

- Целта е да се придонесе за поголема достапност на платформата за книжевните истражувачи, лингвистите и преведувачите, како и за студентите и воопшто за македонската академска заедница во целина. Настанот ќе се одржи во виртуелен формат - соопштуваат организаторите.

Ацо Шопов е еден од основоположниците на современата македонска поезија – автор на првата поетска книга на македонски јазик во слободна Македонија („Песни“, 1944), но и автор кој се вбројува во редот на најеминентните поети во Југоисточна Европа во XX век. Стихозбирката „Стихови за маката и радоста“, објавена пред точно 70 години, е едно од неговите позначајни дела, едновремено многу важно и за историјата на современата македонска книжевност – прва македонска поетска книга со исповеден тон, која ја поттикна големата книжевна конфронтација меѓу интимистите и реалистите во македонскиот книжевен простор.

 

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот