X
 19.10.2021 Живот

Најдобрите совети за среќата што луѓето ги научиле на терапија

Патот до среќата не е секогаш лесен, ниту има крајна дестинација. Радоста постои во спектар. И благодарение на работата, животот и проблемите во врската, како и пандемијата, голема е веројатноста почесто да се наоѓате на долниот крај на спектарот.

Недостигот на задоволство е една од најчестите сеопфатни теми што луѓето ги покренуваат на терапија. За среќа, експертите за ментално здравје можат да понудат насоки како да стигнете таму.

Иако би било најдобро терапевтот да ви даде приспособен совет за вас, може да е корисно да се види како терапијата им помогнала на луѓето со овој конкретен проблем.

Еве какви совети терапевтите најчесто им даваат на луѓето во врска со среќата.

Не мора секогаш да бидете во ред

- Најдобриот совет што го научив е дека е во ред ако не си во ред. Ова беше толку моќно за мене затоа што поминав многу време спротивставувајќи се на негативните емоции. Всушност, тагата и лутината се сосема нормални и соодветни во одредени ситуации - вели 31-годишната Амбер Робинсон.

Таа додава дека кога е тажна или вознемирена, си дозволува да ги почувствува тие чувства.

Верувајте во себе

- Најдобриот совет што го добив беше: „Без оглед на одлуката што ќе ја донесеш, држи се до неа“ - вели Валери Дофин.

Ова ѝ помогнало на Дофин да го отстрани стресот од донесување одлуки и да научи дека може да биде задоволна со секоја одлука што ќе ја донесе, сѐ додека е во согласност со нејзините причини.

Прифатете дека понекогаш ќе згрешите

32-годишниот Рави Давда најде моќ во концептот на самоприфаќање.

- Ова ми беше тешко затоа што јас секогаш ги доведував во прашање моите постапки. Дали ова го правам правилно? Дали треба да го направам на друг начин? - вели тој.

Неговиот терапевт му објаснил дека сите ние, како луѓе, се трудиме да дадеме сѐ од себе. И мора да прифатиме дека некогаш ќе ги направиме работите погрешно и понекогаш нема да се чувствуваме најдобро.

Овој совет му овозможил да верува во себе и во своите одлуки и да верува дека дава сѐ од себе.

sreka
Фото: Freepik

Не обрнувајте внимание на осудувањата за работи што не се важни

- Половина од животот го поминав осудувајќи ги луѓето за ситни работи и случајни мислења. Животот е премногу краток за да држиш лутина и да ги мразиш луѓето - вели 44-годишната Амелија Алвин.

- Бев полна со горчина додека мојот терапевт не ме натера да сфатам дека не вреди да ја држам негативноста во мене - објаснува таа.

Почнете го денот со добар став кон другите

- Секое утро погрижете се да дејствувате и да изгледате среќно првиот половина час од денот кога ќе почнете со работата, училиштето или факултетот. По половина час, бидејќи создадовте убава енергија околу вас, и луѓето ќе бидат добри со вас, па сето тоа ќе направи да се чувствувате подобро - вели 46-годишната Шантал Демпси.

Сериозно сфатете ја сопствената среќа

Оваа моќна изјава многу влијаела врз Џенин Дувал.

- Се чини прилично очигледно, но толку е лесно да ја ставите вашата среќа во втор план поради надворешните стресни фактори, како што се работата, врските или животот како целина. Лесно е да се каже: „Ќе се грижам за себе подоцна“, но кога конечно научив сериозно да ја сфаќам среќата, научив и да се грижам за себе - вели Дувал.

Грижата за себе не значи дека сте себични


Кимберли Кинг (51 година) е посветена мајка на три деца, сопруга и воспитувачка во градинка. Во тој процес се изгубила себеси.

- Бев опседната да се грижам за секого и за сѐ, и сето тоа не ми остави време и енергија да се фокусирам на себе - објасни таа.

Но, нејзиниот терапевт ѝ рекол дека е важно повеќе да се фокусира на себе.

Користете го вашиот глас и залагајте се за себе


Дваесет и шестгодишната Моне Симон со години одеше на терапија за да ги надмине траумите од детството. Како што вели, најдобриот совет што го добила е тоа дека таа сама го контролира среќата и животот, како и дека треба да го користи својот глас, без оглед на сѐ.

Извор: Huffpost.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот