X
 20.01.2020 Култура

„Златен глобус“ и „Оскар“ - дали воопшто постои разлика помеѓу овие награди?

Веројатно сте во процес на гледање на сите филмови што добиле „Златен глобус“ или номинација за „Оскар“. Но, кога подобро ќе ја погледнете листата со номинираните, не можете, а да не се запрашате дали воопшто постои разлика помеѓу овие две признанија. Впрочем, дали постои разлика помеѓу самите церемонии?

На доделувањето на „Оскарите“ горе-долу се очекуваат истите лица како и на „Златниот глобус“. Ќе видиме модни креации и накит од истите дизајнери, шминка и фризура од истите стилисти. Но, уште побизарен факт е тоа што местата на одржување на двете церемонии се оддалечени колку двочасовна прошетка.

Единствена разлика што е јасно видлива со голо око е што „Златниот глобус“ половината од признанијата им ги доделува на телевизиските остварувања, додека „Оскарот“ влегува и во најситниот дел од седмата уметност и им доделува награди на сите што се појавуваат на одјавната шпица, за кои обичниот свет не се грижи премногу.

Другата важна разлика е тоа што „Златниот глобус“ го доделува HFPA (The Hollywood Foreign Press Association), непрофитна организација составена од холивудски новинари и фотографи посветени на известувањето од светот на забавата, додека за тоа кој ќе освои „Оскар“ е задолжена самата струка, односно членовите на американската Академија на филмските уметности и науки.

Но, кога филмовите се во прашање, листата со номинирани за клучните категории е слична, ако не и иста, што претходните години ретко беше случај. Барем не во толкава мера.

Но, за помалку од еден месец ќе дојде и таа ноќ кога ќе откриеме дали мислењето на Академијата на филмските уметности за вредноста на одредени филмови е идентично со она што пред десетина дена го изнесе седмата сила.

Бидејќи сигурно имате изграден став за тоа дали подобар бил Хит Леџер или Хоакин Финикс како Џокер, ви останува да проверите дали Бред Пит навистина и понатаму е најубавиот човек во светот („Си беше еднаш во Холивуд“), колку успеало подмладувањето на Де Ниро и Ал Пачино („Ирецот“), како испадна „Крамер против Крамер во 21 век“ („Брачна приказна“) и што Сем Мендез има ново да ни раскаже за Првата светска војна („1917“) и секако, на целиот глас да навиватe за еден од балканските претставници во Холивуд, одличниот македонски документарец „Медена земја“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура