X
 20.04.2018 Култура

Германско обвинителство не сака да ја забрани „Мојата борба“

Обвинителството од Констанц, Германија, во име на уметничката слобода одби да ја забрани сатиричната театарска претстава „Мојата борба“, во која е предвидено да се делат кукасти крстови и жолти ѕвезди на публиката.

Обвинителството ги отфрли жалбите откако театарот вети бесплатен влез за оние што на ракавот ќе носат ленти со кукаст крст на премиерата на 20 април, датумот на раѓање на Адолф Хитлер.

На оние што ќе купат карти им се предлага да носат Давидова ѕвезда додека се во театарот, во знак на солидарност со жртвите на варварствата на национал-социјализмот, истакнаа службеници од театарот. Нацистичките симболи се забранети во Германија, а театарот наведе дека на овој начин сака да покаже колку лесно се корумпираат луѓето.


Фото: N1

Делото „Мојата борба“ е црна комедија на Унгарецот Џорџ Табори од 1987 година и се однесува на програмскиот памфлет кој Хитлер го напишал додека бил во затвор пред да ја преземе власта.

Германско-израелското друштво во областа на Констанц и Друштвото за еврејско-христијанска соработка повикаа на бојкот на претставата.

Оваа полемика изби во момент кога германските власти имаат главоболки поради растот на антисемитизмот. Владата го осуди наводниот напад на Евреи, снимен од страна на нападнатите во Берлин. Двете лица што носеле традиционална еврејска капа биле нападнати во Берлин од страна на тројца мажи, од кои најмалку еден зборувал арапски.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура