X
 20.04.2023 Живот

Им даваме глас на младите да се борат за интернет без омраза

УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија ги повикуваат децата и младите да се вклучат во кампања за борба против онлајн насилството и говорот на омраза

УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија објавуваат нов отворен повик до децата и младите да се вклучат во комуникациски иницијативи за справување со онлајн насилството и говорот на омраза на интернет. Повикот со наслов: „Заедно за интернет без омраза“ е дел од долгогодишното партнерство помеѓу УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија чија цел е да ги вклучи децата и младите во справувањето со некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација.

- Растењето во време на интернет нуди неограничени можности. Кога се користи на правилен начин, интернетот има потенцијал да ги прошири хоризонтите, отворајќи можности за учење, пристап до информации, играње и изразување. Но, со овие можности доаѓаат сериозни ризици - рече Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Сега, повеќе од кога било, на децата и на младите им требаат вештини и способност да покажат почит и да бидат љубезни кон другите онлајн, но и слободно да проговорат против онлајн насилството“.

- Ние ја градиме дигиталната иднина, но одиме чекор понатаму, си поставуваме амбициозна задача да работиме на етиката на таа дигитална иднина. Говорот на омраза на интернет го заслужува нашето внимание и имаме обврска да направиме разлика. Иако ова е предизвик на сите генерации, најмногу ги допира младите. Затоа им даваме глас, знаење, алатки да се борат за интернет без омраза и токму тие да бидат носители на промената - рече Никола Љушев, претседател на Фондацијата Телеком за Македонија.

Децата и младите поминуваат онлајн повеќе време од кога било – 88,3% од младите се на социјалните мрежи, а таму најмногу се случува онлајн насилство и говор на омраза.

Според неодамнешното истражување на UReport, дури 24% од младите барем еднаш се почувствувале небезбедно на интернет во последната година. Овие податоци покажуваат колку е важно отворено и постојано да зборуваме на оваа тема и да се обидеме да ги заштитиме младите луѓе, но и да им покажеме како да се изборат со заканата.

Главна цел на иницијативата е да ги вклучи младите и да им даде знаење како да започнат со промената.
Преку работилници за заедничко креирање со поддршка од професионалци од областа на комуникации, медиумска писменост, заштита на децата, како и стручњаци за нови технологии и креатори на мултимедијални содржини, децата и младите што ќе бидат одбрани преку овој отворен повик ќе се осврнат на проблемите, ќе научат како да се справат со нив и ќе создадат кампања за подигање на свеста на нивните врсници и на целата јавност.

Работилниците ќе се организираат во мај и на нив можат да се пријават сите млади на возраст од 14 до 19 години, со пополнување на следниот формулар: https://t.ly/p08z

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот