X
 20.07.2021 Живот

Јапонец потрошил 40.000 долари за билети за Олимписките игри

Во последните 15 години Казунори Такишима патувал низ светот за да ја поддржи Јапонија на сите Олимписки игри, па за него бил огромен сон да биде дел од публиката на овогодишните игри што ќе се одржуваат во неговиот роден град Токио.

Но, кога минатата недела беше објавено дека публиката ќе биде забранета поради ковид-19, тој сон завршил.

Такишима потрошил речиси 40.000 долари за 197 билети за него и за неговите пријатели за да присуствува на што е можно повеќе натпревари.

- Ми беа потребни доста време, напор и страст. Но, толку сум страстен за Олимписките игри, што иако беше тешко и вистински предизвик, уживав во процесот на купување билети - вели тој.

45-годишниот бизнисмен открил дека ако ги гледа сите настани за кои купил билети, ќе го собори Гинисовиот рекорд за присуство на олимписки настани. Но, сега парите ќе му бидат рефундирани.

- Сè што имам сега е тага, па секогаш кога ќе ги погледнам билетите, плачам. Многу сум тажен - вели Такишима.

Љубовта на Такишима кон Олимписките игри започнала во 2005 година кога првпат видел натпревар во уметничко лизгање и веднаш купил билети за Олимписките игри во Торино, Италија, во 2006 година. Оттогаш станал супер обожавател на Олимписките игри.

- Отидов таму со мали очекувања. Но, кога ја видов Шизука Аракава како го освои златниот медал, тоа ме инспирира, па оттогаш одам на олимпијадите - вели тој.

- Кога ќе ги видам нивните солзи радосници при освојувањето на медалот и нивните солзи кога ќе изгубат, ме тера да посакам да работам уште понапорно. Добивам емоции и храброст секогаш кога одам - вели тој.

takisima
Фото: Kazunori Takishima

А спортистите најмногу ќе страдаат од недостигот на поддршка на трибините, вели тој.

- Голема е загубата кога вашето семејство не може да дојде. Се надевам дека сите ќе навиваат барем пред нивните телевизори - вели Такишима.

Само членовите на медиумите и високи функционери можат да ги следат Олимписките игри годинава. Одлуката на олимписките власти да ги забрани гледачите беше поради спречување на ширењето на ковид-19.

Јапонија неодамна влезе во четврта вонредна состојба, со повеќе од 1.000 дневни случаи пријавени токму во Токио. Но, Такишима смета дека ризикот е низок, особено кога милион луѓе дневно го користат метрото во Токио.

- Одлуката за забрана на публика беше донесена врз основа на емоции, а не врз основа на бројки. Мислам дека европските земји каде што се одржуваше Евро 2020 донесоа правилна одлука. Разочаран сум од владата и од организацискиот одбор на Олимписките игри во Токио. Најголемата разлика помеѓу Велика Британија, САД и Јапонија е во тоа што Јапонија бавно носи политички одлуки и не е способна да ризикува - вели тој.

И покрај неговото разочарување, тој вели дека и понатаму ќе биде голем олимписки обожавател.

- Ќе продолжам да одам на Олимписките игри и ќе ги поддржувам до денот кога ќе умрам. Додека се движам, планирам да одам на сите Олимписки игри од отворањето до затворањето. Така ќе можам да го надминам рекордот за личност која имала најмногу посети на олимписките игри - вели тој.

Извор: CNN
Фото: Kazunori Takishima
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот