X
 20.09.2023 Здравје

Над 90 отсто од Европејците во телото имаат хемикалија штетна за хормоните

Бисфенол А (БПА), хемикалија која ги нарушува хормоните и се користи во пакувањата за храна, е присутна во телото на речиси сите Европејци, што претставува потенцијален ризик за здравјето, соопшти Европската агенција за животна средина.

Заклучокот бил донесен врз основа на неодамнешна анализа спроведена во рамките на програмата за финансирање „Хоризонт 2020“ на ЕУ. Анализата била спроведена на група учесници од 11 европски земји. Хемикалијата била откриена во примероците од урина кај 92 отсто од учесниците. Нивото на хемикалијата било над безбедносната граница кај над 71 отсто од учесниците.

Дозволената граница на хемикалијата кај возрасните е 0,2 милијардити дел од грам. Хемикалијата порано се користела во производството на шишиња за бебиња, но пред една деценија била забранета во ЕУ, САД и други држави. Сепак, хемикалијата и денес се користи во производството на некои пластични пакувања за храна и пијалаци.

Истражувањата покажале дека оваа хемикалија се поврзува со хормонски нарушувања, но и рак на дојката и неплодност. Франција е единствената земја каде што хемикалијата е целосно забранета.

Постојат несогласувања околу дозволената граница помеѓу здравствените агенции. Европската агенција за лекови ја критикувала методологијата со која се анализирала присутноста на хемикалиите кај Европејците. Сепак, Европската агенција за животна средина заклучила дека луѓето се изложени на хемикалијата многу повеќе од безбедното ниво, а тоа претставува ризик за здравјето на милиони луѓе.

Извор: Science alert
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје