X
 21.04.2019 Живот

На што најмногу се паѓа на возачки испит, каков е патот на лекарите до специјализација, кој е најдобриот млад научник за 2018... Што истражувавме неделава?

Како студентите од Факултетот за дизајн на технологии и мебел го одбележаа јубилејот - 100 години од Баухаус? Каков е патот на македонските специјализанти низ образовниот процес? Кој е Томе Ефтимов, кој ја доби наградата „Најдобар млад научник“ за 2018 година. Со какви проблеми се соочуваат средните стручни училишта? Ова се дел од темите што ни го привлекоа вниманието изминатава недела.



Практичниот дел од возачкиот испит, популарно познат како „градска“, е најголем проблем за кандидатите што полагаат, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи.
Од МВР велат и дека е мал бројот на кандидати што од прва го поминуваат возачкиот испит. Затоа е потребно да се преиспитаат квалитетот, доследноста и начинот на спроведување на наставните единици од наставниот план и програма за оспособување на кандидатите за возачи.


Проф. Елена Никољски-Паневски со студентите

Цртежи од мебел и опрема според дизајнот на учителите и носителите на револуционерното движење баухаус изложија студентите од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Така тие се придружија на светското одбележување 100 години од основањето на училиштето Баухаус, кое УНЕСКО го има прогласено за светско културно наследство.
На изложбата своите дела ги претставија студентите од четврта година на ФДТМЕ, во рамките на предметот Индустриски дизајн - современи движења кај проф. д-р Елена Никољски-Паневски.


Д-р Николина Смоковска

Потребно е да се подигне општата свест дека медицината е хумана дејност и дека не сме сите исти, вели доктор Николина Смоковска, најмладиот супспецијалист нефролог во Македонија
Патот на македонските лекари до специјализирање во одредена област воопшто не е лесен, особено ако притоа мора да растеш две деца, а да земаш кредити за своето образование. Таков е примерот на доктор Николина Смоковска, најмладиот супспецијалист нефролог во Македонија. Таа ни раскажа како се станува доктор во Македонија и што треба да се промени во системот на едукација на младите лекари.



Менаџерите и наставниот кадар на средните стручни училишта го користат периодов за да им го привлечат вниманието на родителите и на идните ученици. Професори од техничките училишта ги посетуваат основните училишта и на полуматурантите им ги предлагаат своите струки. Реалноста е дека работа за овие струки има и е добро платена, но дека интересот за учење е мал.
Директорот на Средното машинско училиште „8 Септември“ од Скопје, Кенан Асани, објаснува дека целиот наставнички кадар е ангажиран за да се привлечат повеќе ученици и да се смени очајната слика со бројот на деца.


Томе Ефтимов

Во САД работи на повеќе проекти, но еден од најголемите предизвици со кои се соочува се методи од вештачка интелигенција кои може да се користат за анализа на податоци поврзани со храна и нутриционизам. Струмичанецот Томе Ефтимов е еден од најуспешните македонски научници што работат на полето на информациските технологии, за што сведочат многу награди, истражувања објавени во реномирани меѓународни списанија и, секако, неговиот ангажман во истражувачкиот центар во Универзитетот „Стенфорд“ во Калифорнија. Деновиве беше во Македонија за да ја прими наградата „Најдобар млад научник“ за 2018 година, која му ја врачи претседателот Ѓорге Иванов.



Постои систем-алатка за рана детекција на деца со високо-функционирачки когнитивни способности. Се вика учител. Секој наставник што работел со деца во првите десет минути може да оцени кое дете е надарено или талентирано. Ова е ставот кој Виктор Новаковски, директор на меѓународното училиште „Нова“ го изнесе на дискусијата „Развој и поддршка на талентирани деца“.
Панелот за состојбата со надарени и талентирани деца и начинот како институционално да се насочи и поддржи нивниот развој го организира Фондот за иновации и технолошки развој во партнерство со порталот Факултети.мк.
Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот