X
 21.04.2019 Култура

Новото ремек-дело на „Нетфликс“ опасно ќе си поигра со вашиот мозок

Неодамна на „Нетфликс“ излезе шведската серија „Жив песок“ („Quicksand“), снимена по истоимениот роман. Серијата раскажува за животот на 18-годишната Маја Норбург, која имала среќа да се роди паметна, убава и со богати родители, но сега е на судење поради масовното убиство на своите другари од одделението.

На некој чуден начин новата серија ги повикува духовите на познатата трилогија „Милениум“, поточно „Девојката со тетоважа на змеј“, но Маја е нараторот на цела приказна, па можеме да ја запознаеме поинтимно од Лизбет Саландер. Она што не го знаеме до самиот крај е дали Маја на крај ќе заврши во затвор.

серија
Фото: Profimedia

По убиствата, крвава и во состојба на тотален шок, Маја е одведена и одеднаш слушаме дека е обвинета за масакр на луѓе со кои делела сè. Во тој момент тешко е да се поврзат сликата и тонот бидејќи Маја не е болна, не е во секта, никој не ја злоупотребувал, има сè што би посакале девојките на нејзина возраст. Сепак, во текот на сите шест епизоди авторите ве држат во уверувањето дека тоа не можел да го направи никој друг. Освен тоа, таа не се сеќава што точно се случило.

Низ наративот на протагонистката ги запознаваме типовите на деца што одат на училиште заедно со неа, па можете подлабоко да навлезете во нивниот лик.

Маја неверојатно реалистички ја глуми актерката Хана Арден, која на моменти толку ќе ве нервира, што ќе сакате да излезете од сопствена кожа, а на моменти ви доаѓа да ја гушнете. Маја потекнува од добро ситуирано семејство, па навикнала на одредени стандарди. Гледаме дека многу ја сака својата помлада сестра, добра ученичка е и одличен пријател. Со други зборови, Маја е одраз на многу тинејџери што ги препознавате. Таа прави доста грешки, но истовремено трпи огромен притисок во врската со момчето.

Додека ја гледате серијата, ќе си поставите доста прашања - зошто никој не ѝ помогнал, зошто родителите ѝ се толкави идиоти и дали е можно никој да не видел под каков притисок е Маја?

И на крај, она што Скандинавците го прават најдобро - до самиот крај не ви дозволуваат да откриете што всушност се случило. Се надеваме на втора сезона иако сè уште не е најавена.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура