X
 21.09.2023 Живот

АХВ: Ако пратката со пиперките биде вратена во земјава, ќе се издаде налог за нејзино уништување

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека вчера, преку апликацијата RASFF Window од Системот за предупредување за небезбедна храна на Европската Унија (RASFF) доби нотификација за небезбеден производ од категоријата овошје и зеленчук извезен од нашава земја - свежи пиперки наменети за пазарот во Хрватска.

При спроведената гранична контрола, земениот примерок за лабораториска анализа покажал отстапување во однос на присуство на резидуи од пестициди. Добиениот резултат покажал присуство на остатоци од пестицидот форметанат и вредност која претставува сериозен ризик за здравјето на луѓето.

Од страна на хрватските власти забранет е увоз на спорниот производ.

Доколку пратката со небезбедните производи биде вратена во земјава, АХВ ќе издаде налог за нејзино нештетно уништување кое ќе се реализира под надзор на инспекциските служби на Агенцијата.

Форметанат е исклучително ефикасен инсектицид кој се користи во производството на овошје и зеленчук. Многу земји сè уште го користат, но во ЕУ е забранет поради сомневање дека може да влијае врз здравјето на луѓето. Овој инсектицид е високо акутно токсичен доколку влезе во организмот по орален пат, умерено токсичен ако се вдишува, а има ниска акутна токсичност ако се нанесува на кожата. Клиничките знаци по акутна и хронична изложеност на форметанат кај стаорци се намалена телесна тежина, а кај кучињата прекумерна саливација (зголемување на лачењето на плунковните жлезди), отежнато дишење, тремор, повраќање, кашлање.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот