X
 22.01.2017 Образование

Слободан Јаќоски, основач на „Википедија“ на македонски јазик: Цитирањето на „Википедија“ како единствен извор не е академски оправдано

По срамежливите почетоци во 2005 година, денес македонската „Википедија“ има околу 88.000 статии, со околу 85.000 прегледи дневно, што ја вбројува во топ 20 најпосетени веб-страници на македонски јазик.

„Википедија“, најголемата светска слободна онлајн енциклопедија деновиве ја одбележува 16-годишнината од формирањето. Над 40 милиони теми и текстови објавени на „Википедија“ денес може да се најдат на повеќе од 250 јазици, меѓу кои и на македонски. Првото уредување на почетната страница на македонски јазик е забележано кон крајот на 2003 година кога осамнала најава за „Википедија“ на нашиот јазик која стоела така речиси цела година, но не се знае кој ја поставил. Денес, по срамежливите почетоци и предизвиците со кои се соочиле нејзините основачи, „Википедија“ на македонски јазик има околу 88.000 статии, со околу 85.000 прегледи дневно, што ја вбројува во топ 20 најпосетени веб-страници на македонски јазик. За официјалните почетоци на македонската „Википедија“ и за нејзиниот досегашен развој разговаравме со Слободан Јаќоски, еден од нејзините основачи и уредници.

- Би рекол дека првиот организиран напор доаѓа некаде пролетта 2005 година, кога со мојот пријател Ивица Дукоски започнавме со масовно внесување содржини и формирање на некаква македонска вики-заедница. Кога другите видоа зголемена активност, набрзо ни се приклучија повеќе луѓе – некои што се обидувале да уредуваат и пред нас, некои што допрва стануваа големи вики-ентузијасти и така започна да се тркала снежната топка. Наскоро направивме некаков дизајн на почетната страница, го преведовме интерфејсот на македонски јазик и стигнавме до првите стотина статии – вели Јаќоски.

Факултети.мк: Како се решивте да ја реализирате идејата за македонско издание на „Википедија“, што ве мотивираше и колку беше тешко таа да профункционира?
- Студентските денови ни беа исполнети со голем ентузијазам да предизвикаме позитивни промени во средината и доволно слободно време да ги направиме истите. Тогаш немаше пленуми и протести да се потроши таа голема енергија, па македонската „Википедија“ беше еден од дигиталните проекти кои ги стартувавме тој период. Тешко е да се замисли сега, но тоа беше време пред социјалните мрежи, пред експлозијата на македонски портали – интернет просторот едноставно беше сиромашен со македонски содржини, па решивме да ја пополниме таа огромна празнина и тука да го оставиме нашиот печат. Предизвикот да се создаде првата македонска енциклопедија (не само онлајн), беше преголем за да се одолее на него. И можам да кажам дека воопшто не беше тешко, особено во техничкиот дел кој релативно брзо го совладавме.

Факултети.мк: Со какви проблеми се соочувавте на почетокот?
- Главниот проблем кој го имавме на почетокот беше тоа што статиите ни беа вандализирани (на пример, целосно бришени, или со додавање бесмислици во нив), а имаше и корисници кои пишуваа на бугарски јазик и не прифаќаа постоење на македонска „Википедија“. Интересно е што во овој период, најголема помош имавме токму од бугарската и српската „Википедија“, чии администратори нѐ упатија и ни го објаснија процесот за добивање на администраторски статус, што за разлика од уредничкиот статус, дава и можност за блокирање на штетни корисници и заштита на одредени страници. Откако ние два-тројца основачи станавме администратори, овие проблеми значително се намалија и енциклопедијата продолжи со нормален развој.

Факултети.мк: Има ли голем интерес кај Македонците за да станат уредници на домашното издание? Какво е темпото на објавување текстови и дополнување на постоечките?
- Интересот е мал. Во последниот месец за кој имаме статистики, односно октомври 2016, имало нешто помалку од 50 активни уредници (луѓе со над 5 уредувања). Од друга страна, бројот на уредници кои се многу активни (со над 100 уредувања) и кои се вистинскиот стожер на енциклопедијата веќе подолго време е околу десетина. Тие се заслужни за 95% од содржините, вклучувајќи ги новите статии, подобрувањето на старите, проверката на фактите, додавање фотографии, итн. Овие корисници се вистинско волонтерско богатство и би сакал да ги имаме повеќе. Во однос на темпото, статистиките од 2016 година покажуваат дека има околу 9-10 нови статии дневно, што е далеку побавно од темпото на додавање на нови статии во минатото кога јас бев активен уредник. Во просек дневно има околу 20 уредувања и дополнувања по статија. Тоа е глобален тренд на намалување на уредувањата на „Википедија“, кој за жал, не го одмина и македонското издание.



Факултети.мк: Лесно ли е да се стане уредник (администратор) на „Википедија“ и кои услови треба да се исполнат за тоа?
Секој може да стане уредник на Википедија и веднаш да започне со уредување на статиите, дури и без да се регистрира со профил (иако тоа е препорачано). Потребна е само конструктивност и малку трпение да се научат вики-форматирањето и принципите на „Википедија“. Администраторите се всушност уредници кои имаат некои дополнителни можности, како на пример блокирање на вандали или заштита на страници. За да се стане администратор треба да се побара согласност од заедницата која гласа за или против барањето. Доколку уредникот покажува повеќемесечно активно учество на проектот и познавање на клучните политики на „Википедија“, во принцип е на вистинскиот пат да стане и администратор, се разбира, доколку тоа го сака, бидејќи администраторите имаат повеќе права, но и обврски.

Факултети.мк: Со оглед на слободата во ставање и едитирање содржини, каква е заштитата од намерно пласирање неточни информации?
- Секоја додадена информација на Википедија треба да биде поткрепена од независен, релевантен и проверлив извор. Доколку налетате на информација која ви е сомнителна, проверете дали е поткрепена од еден или повеќе вакви извори. Инаку, crowdsourcing теоријата вели дека колку повеќе луѓе се вклучени во проектот, толку тој ќе биде пообемен и поквалитетен, односно поточен, така што на долг рок, најдобрата заштита од намерно пласирање неточни информации е вклучување на што е можно повеќе луѓе во проверка на статиите.

Факултети.мк: Може ли да споделите некои интересни ситуации поврзани со пласираните информации, имало ли смешни или проблематични моменти?
- Секако. Пред македонската Википедија да стане куќен бренд за средношколски семинарски имаше многу смешни ситуации. Ситуацијата на која најмногу се сеќавам се случи некаде кон крајот на 2009 година. Некој во раните часови од ноќта ја вандализирал статијата за Ѓорге Иванов со пцовки, тоа останало незабележано од администраторите, а следното утро го забележале некои новинари кои ни два, ни три, пријавиле во МВР и одеднаш прва вест на еден куп медиуми беше дека „Википедија“ го нарушува угледот на претседателот, а полицијата истражува кој. Тогаш бев задолжен за односи со јавност, па половина ден го поминав давајќи изјави и објаснувајќи што се случило. Мислам дека на крајот на денот од целата работа извлековме некаква корист, бидејќи на огромен дел од јавноста и објаснивме како функционира „Википедија“ и дека вакви работи може да се случат. Во вики-заедницата ова некако многу ги погоди и решија да воведат дополнителна заштита за уредувања од нови корисници така што нивните уредувања во иднина треба да се одобрат од администратори. Бидејќи сум на „Википедија“ од самите почетоци, не го одобрив овој потег бидејќи знам дека на едно штетно уредување доаѓаат уште 10 корисни кои треба да се „одобрат“, па тоа донекаде ја намалува слободата на уредувањето и привлекувањето на нови уредници.

Факултети.мк: Податоците од „Википедија“ ги користат сите, дури имаше и случаи кога професори на факултет ги цитираа во свои истражувања. Какво е вашето искуство, колку Македонците се потпираат на веродостојноста на податоците објавени на „Википедија“?
- Темата за веродостојноста на податоците на „Википедија“ е стара колку и самата „Википедија“. Од моето искуство и како википедијанец и како поранешен асистент на приватен факултет, можам да кажам дека прилично често се случува цитирање на „Википедија“ како извор, што не сум сигурен колку е академски оправдано. На пример, секогаш ми бил бесмислен изразот „според Википедија“ бидејќи во процесот на создавање на одредена статија биле вклучени можеби илјадници луѓе и исто толку „рецензенти“, но во моментов нема стручна академска рецензирана верзија на „Википедија“. Би ја препорачал „Википедија“ како почетна точка за секое истражување, но потоа веднаш треба да се продолжи кон цитираните извори на крајот од секоја статија.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование