X
 22.01.2019 Образование

Повеќе од успешна приказна: Студенти од Економскиот факултет од Прилеп реализираа современо поврзување на академијата со реалниот свет

Педесетина студенти од Економскиот факултет во Прилеп зимскиот семестар го заокружија повеќе од успешно. Неколку месеци младите економисти беа активни чинители во мултидисциплинарна проектна соработка со наслов: „Деловна анализа и иновативни стратегии и тактики за развој“ во организација на Економскиот факултет од Прилеп и ИТ-компанијата „Интерворкс“ од Битола. Проектот се одвиваше низ повеќе фази во текот на семестарот, почнувајќи со иницијалниот контакт на професорките доц. д-р Моника Ангелоска-Дичовска и доц. д-р Рената Петревска-Нечкоска со одговорните во компанијата - менаџерката за човечки ресурси Јасмина Антиќ-Атанасовски и основачот на „Интерворкс“, Александар Поп Ристов; беше одржано гостувачко предавање како kick-off за инспирација; после што студентите работеа во групи кои прераснуваа во тимови; а професорките ги координираа часовите и вежбите, редовните и специјалните консултации со соодветни инструкции; за проектот да резултира со финален настан. Презентацијата на холистички и иновативни решенија го демонстрира вклучувањето на студентите од економијата и менаџментот во реалниот бизнис-свет и укажа на важноста за квалитетно образование во согласност со потребите на пазарот на трудот. Воедно, проектната активност од општествена перспектива упати на можностите дека високообразованите млади луѓе можат да се задржат во државата и тука да го продолжат своето образовно, но и професионално надградување преку создавање слични и  поголеми можности за лична реализација и соработка со компании кои инвестираат во знаење и иновација.

2
Фото: Facebook


Во проектот „Деловна анализа и иновативни стратегии и тактики за развој“ неизбежен и носечки чинител беа студентите и токму затоа нивната успешна приказна почнува со нив. Ена Петреска смета дека голем е предизвикот кога на млади луѓе им се доверуваат задачи што се однесуваат на решавање проблеми, во дадениот случај со избрана компанија од Битола и, секако, и со други компании во државата со кои Економскиот факултет остварува соработка. Личната надградба и професионалното охрабрување ги стекнала преку целта на проектот: да се разработат и применат творечки, креативни техники, искуство кое го делат и другите студенти, учесници во мултидисциплинарна проектна соработка. Нивните импресии вбројуваат интелектуален поттик, справување со конфликти, тимска работа, креативност, мозочни бури, почитување рокови и правила на работа, адаптирање на промени, но и иницирање на промените за изнаоѓање ефективни решенија и професионален начин на нивно комуницирање. 

Пристапот за развивање конкретни решенија и оспособувањето за современи методи и начини за одлучување и за најсложените задачи е меѓу најважните придобивки на студентите вклучени во проектната задача, оценува професорот доц. д-р Моника Ангелоска-Дичовска. Заедно со колешката, доц. д-р Рената Петревска-Нечкоска, професорките уште при дизајнирањето на ваков модалитет на соработката меѓу академијата и бизнисот ги избрале принципите на работа што го прават дистинктивен, а како што покажа свечениот финален настан - и ефективен метод. Како што нагласуваат професорките-менторки во оваа соработка, една од клучните особини на оваа проектна задача е токму мултидисциплинарноста на тимовите, чие обединување  е постигнато преку едукацијата со предметите: деловно планирање, деловно комуницирање, управување со промени и иновациски менаџмент, каде што тие се предметни наставници. Извршена е координација и меѓусебно усогласување на дејствата и задачите меѓу 11 проектни тима од студенти, мултидисциплинарни и според припадноста на студиските години и студиските програми. Професор Ангелоска-Дичовска потенцира дека студентските тимови истражувале и предлагале решенија за еден многу популарен и доминантен сектор, ИТ-секторот кој за студентите од Економскиот факултет не е супстанцијален и оттука потекнува и посебниот предизвик проектната соработка да ја завршат повеќе од успешно, а Факултетот да го надградува својот кредибилитет и да ги селектира перспективните можности. Доц. д-р Рената Петревска-Нечкоска потенцира дека при проектот е имплементиран пристап т.н. blended learning, при што во текот на целиот процес на проектната активност е користен системот за електронско учење на Економскиот факултет во Прилеп - Moodle, заедно со целиот дијапазон на комуникациски канали и алатки за колаборација во живо и виртуелно, синхроно и асинхроно, и по принципот any time, any place, any device - така што моментумот за успешна приказна бил граден од сите вклучени страни, давајќи го најдоброто од себе пред предизвикот. Исто така, студентите имаа задолжителна обврска да користат определени техники и методи кои ги изучувале по четирите предмети и со нивна примена да креираат решенија за компанијата, што според професор Ангелоска-Дичовска, е модел на практична настава што овозможува стекнатите теоретски знаења, методи и техники студентите да ги применат во реалниот сектор. Истовремено, низ ваквиот процес студентите ги унапредуваат своите лични вештини и компетенции, се оспособуваат за работа, за истражување и анализа и им се отвора можност да бидат препознаени и регрутирани од компаниите, што заедно дава придонес за развојот на бизнисите и на заедницата.

3
Фото: Facebook


Професор Петревска-Нечкоска оценува дека адресираните проблеми врз кои работеле студентите резултираа со квалитетни решенија благодарение на подадената рака и отворените прозорци со ИТ-компанијата која е меѓу успешните во нашиот регион и се позиционирала солидно на меѓународниот пазар во САД и во Европа. Но, како и пред секоја компанија, и пред компанијата со која соработуваше Економскиот факултет се отворени многубројни предизвици. Токму во таа насока, низ процесот што е спроведен заедно со студентите, воспоставен е модел како се прави и се спроведува соработката меѓу академијата и бизнисот во еден современ мултидисциплинарен тон што подразбира многу активности и вложен труд, консултации и предавања, што го фасилитирало и олеснило целокупниот процес, на сите нивоа, за да може студентите на директен начин да добијат чувство како е да се биде во реалниот свет со инструкции од академијата, да сработат нешто корисно за бизнис-партнерите и да се охрабрат за вистинските животни предизвици и на ваков начин.

Од ИТ-компанијата со која е реализиран проектот упатуваат голема благодарност, со акцент дека  компанијата го поддржува развојот на младите во делот на поврзаноста меѓу ИТ-секторот и економијата и сметаат дека е од исклучителна важност, особено затоа што, нам, како општество ни е особено важно младите да ги задржиме тука и како компании, како приватен сектор треба да вложуваат во развојот на младата генерација, во соработка, како што е успешната поврзаност со Економскиот факултет од Прилеп.

Големиот академски влог во истражувањето, лоцирањето на слабите страни и заканите и, од друга страна, понудени решенија произлезени од студентите, од ИТ-компанијата ги оценуваат како особено значајни. Еве ги и нивните поединечни импресии:

- Денеска изградив убаво мислење за Економскиот факултет во Прилеп благодарение на овие прекрасни професорки кои докажаа дека не е до системот, во системите луѓето живеат, но во нив некои нешто создаваат, а некои рушат. Но ова се луѓето што прават промени во системите, благодарам, комплименти за вас - фантастични бевте.

4
Фото: Facebook


За вас - студентите што работевте во проектот - брилијантни бевте, првпат седев како ученик после 50 години од мојот живот и слушав нешто од кое навистина можев многу да научам. Ми помогнавте да ја вратам вербата во нешто што ќе биде моја пасија, што се надевам дека ќе можам да го правам за една година и нешто, кога планирам да се пензионирам. Да работам со младите луѓе, да ја враќам вербата. Онаму каде што вие сте тргнале - немојте ништо да ве поколеба во вашата верба. Баталете го она „знаеме од каде доаѓаме, опкружување, ...сите пречки“, тоа е само оправдување. Тука сме, па и да не бегаме надвор. Ќе пробам во мојата компанија да го вратам она што ми го дадовте денес, па и да отворам простор за нови профили во ИТ-компанија како економисти, консултанти, но без оглед каде ќе работите, дајте сè од себе, изградете си ја Македонија, ќе си направите многу убава земја. Прекрасни бевте, многу ви благодарам на сите - рече Александар Поп Ристов, основач на „Интерворкс“.

5
Фото: Facebook


- Многу ви благодарам за сето она што го покажавте денеска - останете такви секогаш. Секој регрутер сака да слушне што сте правеле, што можете. Имавте еден Монт Еверест да искачите - „Интерворкс“ е специјален избор за ваков проект и вие успеавте да допрете до оној што ја основал и ја води компанијата. Ние понесуваме вредност. Оваа соработка со Економскиот факултет од Прилеп, со професорките, со вас и со нас не беше залудна - го слушнавме и видовме „Интерворкс“ од еден сосема поинаков агол. За сите оние предлози, критики, забелешки и идеи што ги имаше, ви благодарам многу. Ние сме компанија која сака да го слушне тоа, за да напредуваме. Затоа, не менувајте се кога одите во компаниите да работите некаде или да работите за себе, размислете за оваа планина што сте ја искачиле сега - рече Јасмина Антиќ-Атанасовски, менаџер на човечки ресурси од „Интерворкс“.

6
Фото: Facebook


Од Економскиот факултет од Прилеп особено го истакнуваат задоволството од соработката со компанијата „Интерворкс“ од Битола и нивниот отворен пристап и нагласуваат дека улогата на Факултетот преку едукацијата на кадрите и нивно учество во истражувања и проектни задачи во реалниот бизнис и деловниот свет станува сè понагласена и дека со директното учество и поврзувањето со надворешниот контекст учествуваат во креирањето на професионалците за новото време и во креирањето на идните текови во општеството. Модалитетот што го дизајнираа и го применија професорките сублимира стратегиско бизнис-планирање, иновативно детектирање на проблемите и адресирање со решенија, тактички менаџмент за иницирање позитивни промени и нивна имплементација и професионално деловно комуницирање со сите стејкхолдери - се покажа како погоден за глобалната, а македонска ИТ-индустрија -  за која идеален претставник беше „Интерворкс“.

Референцата од овој проект за сите вклучени претставува силен поттик за проширување и унапредување на порамнувањето бизнис - академија за доброто и на системско и на индивидуално ниво во нашата држава и пошироко.  

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование