X
 22.02.2020 Наука

Зависноста од смартфони физички го менува мозокот, откриле научници со помош на магнетна резонанција

Паметните телефони станаа неопходен дел од современиот живот, а со тоа и дебатата дали премногу ги користиме.

Ново истражување посочува дека зависноста од паметните телефони физички го менува обликот на човечкиот мозок на сличен начин како зависноста од дрога. Дебатата веќе некое време е присутна и се однесува за зависноста од паметните телефони, поттикната од бесконечното „скролање“ и бесконечните известувања..

Во истражувањето објавено во списанието „Адиктив бихевиорс“, истражувачи од германскиот Универзитет „Хајделберг“ користеле магнетна резонанција (МР) за да го анализираат мозокот на луѓето што имале зависност од паметен телефон.

- Во споредба со луѓето што служеа како контролна група, индивидуите со оваа зависност покажале понизок волумен на сива материја во левата предна инсула (која е дел од мозочната кора), инфериорниот темпорален и парахипокампен кортекс - објаснуваат тие.

mozok
Фото: Horvath et al 2020/Addictive Behaviors

Што значи тоа? Во кратки црти: намалена способност во регионот на мозокот познат како инсула, за кој некои научници сметаат дека се занимава со нашата самосвест.

Колку е намалена способноста или кои се долгорочните ефекти, не е јасно во оваа фаза, но понатамошните истражувања ќе откријат повеќе. Во секој случај, авторите го сметаат ова за првиот доказ за физички промени во мозокот поради употребата на паметните телефони.

- Со оглед на нивната широка употреба и зголемена популарност, сегашното истражување ја доведува во прашање безопасноста на паметните телефони, барем кај поединците кои би можеле да бидат под зголемен ризик за развој на зависни однесувања поврзани со паметните телефони - пишуваат авторите.

Според извештајот, 53 отсто од децата поседуваат мобилен телефон на возраст од 7 години.

Во извештајот, кој бил заснован на истражување на 2.167 деца од 5 до 16 години во Велика Британија, девет од десет деца имаат свој телефон. Истражувањето открило и дека 57 отсто од децата спијат со својот телефон в кревет и речиси двајца од пет млади (39 отсто) велат дека не би можеле да живеат без телефон.

Истражувачите велат дека наодите покажуваат во колкава мера телефоните можат да доминираат во животот на децата. Сеприсутноста на употребата на телефоните во општеството е причина за загриженост бидејќи физиолошките и здравствените импликации слабо се разбираат, предупредуваат експертите во најновото истражување.

Извор: Metro.co.uk
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука