X
 22.04.2023 Наша тема

Душан Ристовски, пионер на уметноста создадена со мобилен: „Се чувствувам како некаков медиум на сето она што се случува околу нас“

Моите визии се многу полуди од ова и тешко дека ќе стигнам дотаму. Сега можам да кажам дека се чувствувам како дома со ова што го правам, иако никогаш не се надевав на вакво нешто, вели Душан.

Пионер на уметноста создадена со мобилен телефон, односно „Mobile Phone Art“. Ова е епитетот кој Душан Ристовски го носи во изминативе шест години откако неговите слики фотографирани со мобилен, а потоа едитирани на уникатен и откачен начин, се најдоа во печатена варијанта, што е прв таков случај, а притоа и прошетаа на неколку изложби низ Европа и светот.

Душан неодамна првпат се претстави во родното Скопје, откако 30 негови дела беа изложени во Кинотеката на Македонија. Станува збор за нов вид дигитална уметност, креирана само на мобилен телефон. Кум на називот  „Mobile Phone Art“, освен Душан, е и галерија „Гауди“ од Мадрид, која го застапува и која прва го поканила да ги изложува неговите дела.

- Се чувствувам како некаков медиум на сето тоа што се случува околу нас, на видливиот и невидливиот космос. Се обидувам да го фатам тоа со мобилниот и да го пренесам во дело. Моите визии се многу полуди од ова и тешко дека ќе стигнам дотаму. Сега можам да кажам дека се чувствувам како дома со ова што го правам, иако никогаш не се надевав на вакво нешто - вели Душан.

 

„Ова нема да помине“ - рекол кога го видел првиот мобилен со камера

Слика, пишува, музицира, а едно време се интересирал и за филмска режија. Душан уште како помлад бил уметнички настроен. Поради лични причини, не отишол да студира режија во Прага, иако бил примен таму. Го завршил Машинскиот факултет во Скопје, по што станал претставник на компанијата „Сони“, преку која голем дел од издавањето на компакт-дисковите кај нас оделе со негово посредништво.

- Додека студирав, паралелно и многу цртав. Многу убаво цртав. Исто така, бев во бендот „Гино де Гаги“, каде што пеев. Бевме прилично авангардни. Имам и книга со поезија за која добив награда. Мене природно ми доаѓа уметноста. Кога го завршив факултетот, останав тука и станав издавач на К-15. На видеокасетите на К-15, па продолжив со „Сител бамбини“, исто така на аудиокасетите. Сето тоа доведе да станам застапник на „Сони“ за изработка на компакт-дискови за Македонија. Голем дел од продукциите правеа компакт-дискови кај нас, а остатокот во Бугарија. Сега веќе тоа е опаднато, со оглед на тоа што интернетот се рашири и тој е главниот медиум - се присетува Душан.

При една од првите посети во Салцбург, во седиштето на „Сони“ пред многу години, директорот му го покажал на Душан прототипот на мобилен телефон со камера. Тоа било првата камера на телефон што тој ја имал видено и изреагирал во стилот „ова нема да помине“, за еве години подоцна неговата  уметност да се базира на таа мала камера на телефонот.

- Тогаш ми беше банално. Мислев ќе биде само за селфија, но ете каде стигна. Ја видов поетесата Ана Бунтевска, таа имаше направено мобилна фотографија и со одредени филтри изгледаше многу убаво и ме заинтригира. Тогаш сакав да одам чекор понатаму. Сакав од мобилна фотографија да направам дигитал арт. Интензивно почнав да работам на тоа, пионерски. Фотографирав сѐ што ќе ме инспирираше и потоа складирав во телефон, за по некое време да направам селекција на тоа што ќе го едитирам. Еднаш седев час и половина на Партизанска во маглата следејќи како поминуваат автобуси со цел да фатам најдобар кадар, на кој потоа дојдоа до израз светлата од фаровите кои продираа низ маглата - додава Душан.

„Touch“ - селектирана на изложба во Марбеља

Преку „Инстаграм“ добил покана за прва изложба

Душан гледа на интернетот како на една голема база на податоци, додека социјалните мрежи, пред сѐ, „Инстаграмот“ го користи како прозорец кон светот на уметноста. По ставени постови од неговите дела на профилот, добил покана од галеријата „Гауди“ да направи физичка изложба во Виена.

- Тогаш се појави првиот проблем, односно како да го испечатам сето тоа и да го подготвам за изложба. Морав преку компјутер да ги обработувам за да биде добар печат. Тогаш сфатив дека мора сѐ од мобилен да биде со цел да е веродостојно и денес го правам тоа, од фотографирање, до праќање на печат. Првата изложба беше одложувана многу пати, меѓутоа, куриозитет е што баш една моја слика,  со наслов „Don’t you follow me“, беше селектирана. Потоа следуваше Марбеља. Таму беше селектирана сликата „Touch“. Тоа е првата апстрактна уметност што се случува на мобилен. Потоа следуваше Мадрид. Сите овие работи се случуваа во период од 3-4 месеци. За време на пандемијата имав и онлајн изложба во Базел - вели Душан.

По пандемското затишје, Душан лани учествувал на огромниот  арт-саем во Стокхолм. Кога првпат влегол таму, му требало време да се соземе, по што си го нашол своето место меѓу тамошните светски уметнички имиња.

 - Во Стокхолм на влезот на Саемот ми падна вилицата. Се разочарав од тоа какви ѕверови постојат во светот на уметноста. Си реков: „Што барам јас тука?“ Тоа траеше додека не стигнав до штандот на „Гауди“, каде што си ги видов делата и си реков дека е океј. Ги замоливме организаторите да напишат дека тоа е направено на мобилен. Следниот ден испадна дека јас бев единствен со таков вид уметност. Од „Гауди“ првин рекоа: „Душан, да пишеме еден од пионерите?“ По извесно време проверија и рекоа дека нема никој, дека јас сум единствен. Значи стоеше само Пионер на Mobile Phone Art од 2017 година, односно прв со готов производ што има изложувано - објаснува Душан.

На мастер-клас во Катар едитирал во живо

По неколкуте успешни изложби, следувале и покани за мастер-класови. Првиот и засега незаборавен за Душан се случил во Катар, каде што на интересен начин успеал да им ја пренесе на присутните својата енергија и начин на работа при изработка на своите дела.

 - Добив формулар за аплицирање и ми рекоа дека е тешко да успеам. Јас, сепак, испратив пријава за учество и веднаш ме прифатија, па дури и сами ми понудија да направам мастер-клас. Беа 8 мастер-класа, а јас бев претпоследен. Бев спремен да раскажам сѐ за историјатот на мојата работа, како едно класично предавање. Но кога ги гледав претходните, буквално се извадив од памет. За време на пауза се договорив да го вклучиме мобилниот на големите екрани и се одлучивме на ризик. Јас сликав шише, седнав на под, бидејќи беше краток кабелот и почнав да едитирам. Првите 10 минути беше ужасна тишина, си помислив дека оплескав, но потоа сите се воодушевија. Добив и понуди од колеџи за предавања, основни школи и сл. - раскажува Душан.

Тој ги заинтересирал тамошните родители, кои виделе дека неговата уметност може да им покаже интересен начин за нивните деца како да се служат со мобилните, а не само за селфија и сл. Душан продолжува со исто темпо, а по деби-изложбата во Скопје очекува да направи и некој мастер-клас. Сѐ уште е со мобилниот низ улиците барајќи луди и интересни кадри.

- Немам одредена тематика. Што ќе ми фати око, тоа. Секој ден работам по 3-4 часа. Си фотографирам, па по одреден период тоа што ќе ме импресионира, го едитирам. Си влегувам во својата внатрешна реалност, си пуштам музика и си работам. Немам стил. Тоа што ме инспирирало, сум читал нешто, сум гледал или слушал некаква музика, тоа може да ме одведе во одреден правец. Очекувам уште повеќе да го развиваме ова и чекам други што слично работат и се обидуваат или веќе направиле вакво нешто, да размениме искуства и сл. -додава Душан.

Фото: приватна архива

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема