X
 22.10.2022 Наша тема

Матеја Дамчевски студира во Абу Даби: Ни предава професор што работел на „Игра на тронови“, соработуваме со нобеловци и можеме да работиме на кампусот додека студираме

Како дел од стипендијата ни следуваат оброци и пијалаци во сите ресторани и кафулиња на кампусот, ги има десетина и се со одличен квалитет на храна. На кампусот има и туристичката агенција која им овозможува на студентите да патуваат поевтино, вели Матеја.

Матеја Дамчевски е студент на универзитетот „NYU Abu Dhabi“ во Обединетите Арапски Емирати. Првите три години од средното образование ги завршил во скопската гимназија „Георги Димитров“, а подоцна го прифатил предизвикот да продолжи на еден од колеџите на UWC во Пукет, Тајланд, здобивајќи се со меѓународно признаена диплома. Благодарение на неговиот труд и напорна работа, Дамчевски на крајот од минатата година добил понуда и целосна стипендија да го продолжи своето образование во еден од њујоршките универзитети, поточно, универзитетот во Абу Даби. Тој накратко ни ги објасни условите за студирање на факултетот.

Живее во кампус со 2.000 ученици од целиот свет

- Без размислување и со огромна возбуда го потпишав договор за студирање. Моментално живеам во Абу Даби, во Обединетите Арапски Емирати, на огромен кампус на кој студираат 2.000 ученици од целиот свет. Студентите од прва година се сместени во соби што ги делат со цимер, меѓутоа, во втора година добиваме апартмани за четворица, секој со своја соба и заедничка просторија. Независно од финансиската состојба на студентот, факултетот се обидува да им овозможи еднакви можности за студирање на сите, се разбира, доколку ги исполнуваат сите други услови, одличен академски успех и достигнувања во различни области. Абу Даби е еден од најбезбедните градови во светот, но и еден од најскапите. Сепак, меѓу студентите не се чувствуваат разлики во материјалниот статус затоа што на сите еднакво ни се овозможени сите услови за живеење со ист стандард – споделува Матеја.

(Фото:Jose Ariel Moreno Jr)

Принципот на работа на факултетот се заснова на тоа што студентите сами си ги одбираат предмети наместо да се одлучат за конкретна насока.

- Факултетот нуди голем број насоки, а јас одлучив да студирам две насоки: Бизнис, организација и општество и Социјални истражувања и јавна политика. Насоката, всушност, не се избира во прва година, туку се избираат предмети што би биле сродни со областа што ве интересира. Апликацијата е различна на секој факултет, мојата се состоеше од личен есеј, есеј на дадена тема од факултетот и секако успехот од средно. Јас сум примен со стипендија, а дали ќе добиеш стипендија или не, зависи од финансиските можности на семејството, не од други фактори. Што значи, ако добиеш место на факултетот, тој се обврзува да ти овозможи да студираш, без оглед дали и колку можеш да плаќаш, што се докажува со опсежни финансиски формулари што треба да се пополнат. Емиратите за само 50 години успеаја да се издигнат меѓу некои од најразвиените земји, особено на економски план, иако имаат минимално достапни ресурси од природата, па тука видов можност за мој личен развој. Факултетот им нуди многу можности на студентите, на пример, поминување два семестри во некоја друга земја каде што NYU имаат свои ограноци, на пример во Њујорк, Лондон, Сиднеј..., како и многу ресурси за истражување, за волонтирање и пракса. Ова е место во кое учат студенти од над 115 земји, оттука излегле дури 24 добитници на Нобеловата награда во разни области, министри, дипломати, сопственици на големи компании, дури и основачот на „Твитер“ бил студент на Њујоршкиот универзитет. Иако првиот кампус е основан во Њујорк, истите стандарди и можности се нудат и во камупсите на Њујоршкиот универзитет отворени подоцна во Абу Даби и во Шангај - раскажува Матеја.

(Фото: NYU Abu Dhabi)

На почетокот на академската година, студентите биле дел од ориентацискиот камп кој траел неколку дена за бруцошите да можат да го запознаат универзитетот, кампусот, професорите и слично. Дамчевски накратко ни го опиша својот прв академски ден и ни го објасни начинот на студирање на неговиот факултет.

- Во Абу Даби имавме една недела т.н. „Мархаба“, или добредојде на арапски јазик, односно ориентациски камп. Академскиот ден навистина зависи до насоката и од предметите, сите предмети се изборни. Имаме 4 предмети во семестар, а предавањата се распределени од 8:30 часот наутро до 20 часот. Едно предавање трае по 1 час и 20 минути, а од изборот на предмети зависи колку предавања дневно ќе има студентот. Благодарение на искуството од Тајланд, веќе имав навика да функционирам во голема и разнолика група на луѓе, да ги следам предавањата на англиски јазик и да ги користам технологиите во текот на предавањата, па тоа не ми падна особено тешко. Овој семестар ги изучувам предметите: Глобализација и историја, Вовед во јавна политика, Микроекономија и Француски авангарден филм. Генерално се фокусираме на теорија, речиси секое предавање имаме задача да прочитаме некои податоци, истражувања или литература поврзани со темата на предметот, така што не сме ограничени со учебници. Понекогаш предавањата се фокусирани на она што го пренесува професорот, а понекогаш се бара дискусија и активно учество од студентите. Оценувањето зависи од повеќе фактори, се зема предвид присуството на часови, активноста на предавањата, домашните задачи и успехот на испитите на крај од семестарот. Меѓутоа, по некои предмети има истражување и есеј како краен испит наместо класичен тест - вели Матеја.

(Фото:Jose Ariel Moreno Jr)

На кампусот имаме туристичка агенција која ни овозможува поевтини патувања

- Абу Даби е град со луѓе од различни земји, дел што работат тука дел туристи. Велат дека е голем колку Скопје, но поради височината на зградите и развиената инфраструктура, изгледа многу поголем. Кампусот се наоѓа на островот Садјат, каде што е сместен и музејот „Лувр“, всушност, огранок на славниот париски музеј кој бил отворен тука пред неколку години. Во моментов се гради и новиот „Гугенхајм“ на оваа локација. Факултетот нуди организиран превоз до секој дел од градот неколку пати дневно, така што многу е едноставно да се посетат сите важни места низ Абу Даби. Ние, студентите, имаме попусти за влезници во сите позначајни туристички места, на пример, „Лувр“, „Ферари ворлд“, „Ворнер брос студиос“, за концерти и други културни настани. Како дел од стипендијата ни следуваат оброци и пијалаци во сите ресторани и кафулиња на кампусот, ги има десетина и се со одличен квалитет на храна. На кампусот исто така има и туристичката агенција која им овозможува на студентите да патуваат поевтино. Студентите имаат огромна слобода и често шетаат низ градот, одат на некоја од плажите или ги посетуваат околните емирати, најчесто Дубаи. Доколку прошетате низ Абу Даби, сигурно ќе видите многу реклами и постери за „NYUAD“, а најчудно од сѐ е што на автопатот има ознаки за факултетот. Овозможени се програми за волонтирање низ градот, за прошетки низ туристичките места.

Ангажираноста и посветеноста на професорите и на неговиот факултет се покажува уште на еден начин, односно на студентите во текот им се нудат работни позиции на кампусот додека студираат.

- За време на студирањето се нудат работни места на кампусот, најчесто поврзани со студиите. Студентите имаат можност да учествуваат во истражувања и административни активности под менторство на научници, професори и да градат нови вештини кои ќе им бидат од голема полза по завршувањето со студиите. Исто така има, „The Career Development Center (CDC)“ кој помага во градење сивија и ги поврзува учениците со компании од приватниот сектор во околината и во Емиратите. Се нудат и пракси во некои од овие фирми, а по завршувањето на студиите и постојано работно место.

(Фото: NYU Abu Dhabi)

Студентите тука учат како да се спакуваат за само два часа и да прелетаат на другата страна на светот за некој саем или конференција под менторство на професорите.


- Често се случува некој професор во последен момент да одлучи да се посети некој настан или конференција надвор од Абу Даби и со себе да земе некој од своите студенти. Велат дека студентите тука учат како да се спакуваат за само два часа и да прелетаат на другата страна на светот. Се одржуваат саеми за вработување, гостуваат компании од различни индустрии, како „Голдман сакс“, на пример, и разговараат со студентите за вработување во иднина и можностите за пракса. Факултетот навистина нуди сѐ што е потребно. Од спортски центар со тимови и можност за лични тренери до „СЛАЈС“, кој организира медитации и кампови во пустините, здравствен центар со психолози, доктори и нутриционисти, исто така, можности за работа на кампусот и во градот. Една од главните предности е тоа што се гради мрежа од конекции, со професионалци од фирми, професори што се добитници на Нобелови награди, студенти што го посетуваат кампусот за еден семестар и луѓе од секој сектор на индустрија. На пример, мојот професор по филм има работено на мегапопуларната серија „Игра на троновите“. Верувам дека сето ова придонесува за огромниот успех што го постигнуваат студентите на NYU.

Својата иднина Матеја ја гледа надвор од Македонија, сметајќи дека тоа е најдобро за неговото надградување, контактите со луѓето од другите држави и слично, но својата татковина ја гледа како извор на радост.

- Плановите често се менуваат, но засега би сакал да останам во странство. Сѐ уште не чувствувам дека имам искусено сѐ што сакам и што нуди светот. Покрај студиите, важни ми се и пријателствата со луѓе од целиот свет што само надвор од дома можете да ги стекнете. Ми се допаѓаат промените и непознатите култури, но секогаш со радост си доаѓам дома, незаменливи се моментите поминати со семејството и со другарите од моето детството. Свесен сум за ограничените можности во мојата земја, но си ја сакам и затоа верувам дека во еден момент можеби ќе посакам да се вратам дома, во Македонија.

Фото: приватна архива
Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема