X
 22.12.2019 Технологија

Неверојатни бројки - дали знаете колкава е финансиската штета од лажните вести?

Денес е тешко да се разликуваат лажните од вистинските вести на интернет. Дека станува збор за голем проблем, се уверивме во текот на последните претседателски избори на САД, врз чиј исход влијаеја и лажните вести што се ширеа на „Фејсбук“. Некои земји ги препознаа потенцијалните опасности навреме, па Финците почнале да спроведуваат голема програма за да ги едуцираат своите граѓани за лажни вести, со помош на експерти од целиот свет.

Опасностите од лажни вести се многу поголеми и го надминуваат влијанието на гласачите за време на избори - тие влијаат врз деловните активности на компаниите, берзата, медиумите, здравството, е-трговијата и др.

Истражување спроведено од израелската компанија за сајбер-безбедност CHEQ и Универзитетот во Балтимор покажало дека штетата од лажните вести на глобално ниво во текот на една година изнесува 78 милијарди долари. За да се пресмета ова, биле користени податоци собрани од CHEQ, последната анализа врз економијата, како и интервјуа со многубројни експерти.

лажни
Фото: Getty Images


Најголема финансиска штета се одразува во активностите на берзата. Загубите на берзата предизвикани од лажни вести достигнале дури 39 милијарди долари. Лажните информации во здравствениот сектор придонесуваат за годишна загуба од 9 милијарди долари, додека во финансиската индустрија тие имаат уште поголема тежина и придонесуваат за загуби од 17 милијарди долари. Во извештајот се истакнува и штетата на угледот на компаниите погодени од лажни вести, а таа изнесува 9 милијарди долари, а 3 милијарди долари годишно платформите вложуваат за безбедност и спречување на ширењето на лажните вести.

Исто така, истражувањето открило дека најмалку 400 милиони долари се трошат годишно за ширење лажни вести во политички кампањи. Што се однесува до претстојните избори во САД, се предвидува дека за рекламирање и ширење лажни вести ќе бидат потрошени околу 200 милиони долари.

Во нашата глобална економија довербата е важна. Ширењето лажни вести влијае врз нашата способност да донесуваме разумни, информирани одлуки. Ширењето лажни вести е едноставно. Пазарот за маркетинг е идеален за брзо ширење на сите информации низ широка платформа, а недостатокот на платформи за проверка на факти значи дека оваа вест ќе продолжи да се шири непречено.

Мора да се направат напори за да се обезбеди поголема транспарентност и да се обнови довербата што порано ја имавме во нашите страници за вести. Со размножувањето, споделувањето и ширењето на овие страници, ширејќи ги вестите непречено, имаме долг пат што треба да го изодиме.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија