X
 23.01.2023 Наука

Поради нашето невнимание кон природата, некои животински видови може да изумрат

Климатските промени влијаат врз многу животински видови, а последиците веќе можат да се видат насекаде низ светот. Сведоци сме на сѐ почести природни катастрофи, а сите овие промени влијаат врз живеалиштата и размножувањето на одредени животни.

Поради загадувањето на водата, воздухот и земјиштето, некои видови ја менуваат исхраната за да преживеат. На други им се заканува изумирање.

Еден од нив е гепардот, најбрзото копнено животно, кој е принуден да го смени „менито“ поради недостиг на плен.

Зголемувањето на температурата влијаеше врз намалувањето на тестостеронот кај мажјаците, што се рефлектира во репродукцијата на видот. Загрозени се и пандите, зелените желки, азиските слонови, поларните мечки и пингвините.

Климатските промени го намалуваат бројот на бамбуси во природните живеалишта на пандата во Кина. Глобалното затоплување директно влијае врз популацијата на зелените желки, нивниот пол зависи од топлината на песокот на кој ги несат јајцата. Со оглед на тоа дека песокот станува сѐ потопол, се раѓаат сѐ повеќе женки и се намалува можноста за парење со мажјаците.

vidovi
Фото: Wikipedia

Климатските промени и глобалното затоплување ја намалуваат количината на свежа вода неопходна за живот на азиските слонови. Зголемената суша ги намалува изворите на храна за овој вид животни. Недостигот на листови од бамбус и банана го загрозува опстанокот на слоновите.

Намалувањето на арктичкиот морски мраз, како последица на глобалното затоплување, го еродира теренот за опстанок на поларните мечки. Поради топењето на мразот, се оневозможува нивниот пристап до храна, најчесто до фоките, со што се намалува нивното живеалиште.

Климатските промени го топат мразот и на Антарктикот, па затоа пингвините се принудени да мигрираат од нивните живеалишта во потрага по храна. Тоа има негативно влијание врз нивното парење, па популацијата на овие птици е драстично намалена.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука