X
 23.02.2023 Наша тема

„Нуклеарната физика се труди енергијата на ѕвездите да ја донесе на Земјата“, вели Бојана Стефаноска, магистранд по нуклеарна фузија на Универзитетот „Екс-Марсеј“ во Марсеј

Универзитетот „Екс-Марсеј“ е најголемата високообразовна институција во Франција со над 80.000 студенти, која ги собира некои од најголемите млади умови во светот, особено на полето на нуклеарната физика во кое студира, твори и истражува Бојана Стефаноска од Македонија.

Бојана е студент на Еразмус мундус програмата ФУЗИОН-ЕП (FUSION-EP) - Европски магистер на науки во нуклеарна фузија и инженерска физика, која им овозможува на студентите да специјализираат во полето на магнетски ограничена фузија (magnetically confined fusion) - поле кое има цел да обезбеди одржливо производство на енергија без јаглерод во рок од неколку децении.

- За време на моите додипломски студии решив да специјализирам токму во ова поле на физиката - нуклеарна фузија и програмата ФУЗИОН-ЕП е една од ретките, ако не и единствената програма во Европа, што нуди сеопфатна едукација во ова многу специфично поле на физиката. Го избрав Универзитетот „Екс-Марсеј“ (Aix-Marseille University) како местото во кое ќе ја поминам првата година од моите студии бидејќи се наоѓа во најактивниот регион во светот кога станува збор за истражување во полето на нуклеарната фузија. На растојание од само 80 км од Марсеј се наоѓаат два реактора за нуклеарна фузија, а еден од нив е ИТЕР - најголемиот реактор во светот, кој моментално е во процес на изградба. Повеќето од моите професори се директно или индиректно инволвирани во овие проекти, а исто така имавме можност да следиме предавања од научници што работат во ИТЕР, како и да го посетиме самиот реактор. Сето ова ми овозможи не само да ја спознам физиката на нуклеарна фузија, туку и да се запознам со студенти и научници што работат во ова поле - конекции кои се битни за успешен кариерен развој - истакна Бојана.



Младата физичарка е добитник на стипендија од програмата „Марија Склодовска Кири“ од Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), која има цел да ги инспирира младите девојки да ја продолжат својата кариера во полето поврзано со нуклеарна енергија.

- Наменета е за женски студенти од целиот свет кои моментално следат магистерски студии во поле поврзано со нуклеарна енергија. Најважниот критериум при апликацијата е академскиот успех, со тоа што се бараат студенти со натпросечен успех. Тоа што сум добитник на оваа стипендија многу ми значи. Најпрво, стипендијата ми ги покрива сите финансиски трошоци за време на магистерските студии. Потоа, ми овозможува дополнителни можности за едукација и професионален развој преку различни настани, и административна и финансиска поддршка за добивање пракса во една од стотиците партнерски организации - вели Стефаноска.

Бојана ги завршила додипломските студии на Универзитетот во Нова Горица, Словенија, кој е фокусиран на истражување. За разлика од него, францускиот универзитет е поголем и нуди поголеми ресурси за студентите што доаѓаат од целиот со свет со надеж дека ќе работат во еден од околните нуклеарни реактори или во лабораториите што се поврзани со нив.



- Големината му дозволува на универзитетот да нуди доста ресурси, од големи библиотеки на секој кампус со илјадници книги, големи кафетерии и ресторани што нудат храна по поволни студентски цени и многу надворешни површини за дружба меѓу студентите. Кампусот на кој ги следам предавањата е во центарот на градот, па лесно е да се стигне до него. Но, и за кампусите што се пооддалечени има автобуска линија што превезува точно до самиот кампус. Еден од најголемите недостатоци би рекла дека е јазикот. Иако мојата програма е меѓународна и примарниот јазик на предавањата е англиски, а и универзитетот има доста меѓународни студенти, поголемиот дел од административните работници не зборуваат англиски - сподели Бојана.

Сепак, таа смета дека предавањата се поинтензивни во споредба со студиите во Словенија, а задоволна е и од начинот на студирање, како и од соработката со професорите.

- Предавањата се поинтензивни во споредба со моите додипломски студии во Словенија и најчесто имаме 6-8 часа предавања дневно. Мислам дека програмата е добро балансирана помеѓу теоретско и експериментално знаење. Имаме осум предмети во семестар, од кои половина се теоретски, а остатокот се применето знаење, од експериментални лабораториски проекти, компјутерски симулации и работа со експерти од полето во кое сакаме да специјализираме. Не сме многу студенти на предавањата, особено на изборните каде што сме десетина студенти, што овозможува да има близок однос со професорите и тие да можат да ни помогнат при тешкотии. Професорите се спремни да им помогнат во кое било време на студентите за прашања поврзани со студиите, но и надвор од темите што ги обработуваме на предавањата – вели младата физичарка.



За Бојана, физиката била љубов на прв поглед и сон кој почнала да го сонува од основно училиште. Прво ја привлекла астрофизиката и затоа на факултетот во Нова Горица запишала студии по физика и астрофизика. Но, за време на студирањето сфатила дека не сака да ја помине целата кариера работејќи во поле како астрофизиката, која е далеку од секојдневниот живот, и дека како научник има должност да го искористи своето знаење за да го подобри општеството, па се пренасочила во друго поле, многу поважно за денешницата и за иднината.

- Сакав нешто што ќе ми овозможи совршен спој помеѓу љубовта кон физиката и истражувањето и желбата да му помогнам на општеството. И тој спој го најдов во нуклеарната фузија. Физиката на нуклеарната фузија има цел да ја донесе енергијата на ѕвездите на Земјата и со тоа да обезбеди одржлив и чист извор на енергија. Некогаш нуклеарната фузија ја нарекуваат „светиот грал“ на енергетското производство. Иако тоа е хипербола, последните неколку години се гледа зголемен напредок во истражувањето во ова поле, со нови откритија секоја година што најавуваат дека нуклеарната фузија е на повидок. По половина година студии, можам да кажам дека физиката на нуклеарна фузија е повеќе од возбудлива и дефинитивно едно од најинтересните полиња на физиката што имав шанса да ги проучам. Можам да кажам дека нема ниту еден предмет кој не ми е интересен и едвај чекам да ги дознам сите нови работи што ќе ги учиме, што ме прави уште посигурна за полето што го имам избрано – вели Бојана за својата животна определба.

Славната Марија Склодовска Кири се погрижила физиката да не биде само машка наука и да ги охрабри жените да придонесат за човештвото со големи откритија во светската наука.



- Нуклеарната физика е дефинитивно поле доминирано од мажи, како и остатокот од физиката. Како напредувам низ образованието, гледам сѐ помалку и помалку девојки заинтересирани за физиката. На мастер-програмата во Марсеј сме само три девојки од околу 30 студенти вкупно, а на предавањата поврзани со нуклеарна фузија сум единствената - истакна Бојана.

Прва цел на Бојана е да ги заврши магистерските студии со највисок просек и да се подготви за следните предизвици – докторат и истражувач во поле кое ќе го одбере во иднина.
Активна е во повеќе активности поврзани со физиката надвор од предавањата. Таа е еден од организаторите на ФизијаАстро клубот на универзитетот, на ФузионЕПТалкс – платформата од сегашни студенти и алумни на ФузионЕП програмата која организира вебинари со професори од целиот свет кои работат на полето на нуклеарната фузија.



- Се трудам да бидам активна во сѐ повеќе активности поврзани со физиката настрана од предавањата: бев претставник на мојот факултет на десеттиот француски турнир по физика кој се одржа во Париз минатиот викенд и бев во десетте најдобри натпреварувачи на целиот турнир - потенцираше Бојана.

Тоа што е многу социјална и екстровертна личност ѝ помогнало да го избере Марсеј, градот на југот од Франција каде што постојано нешто се случува и постојано има метеж и бучава.



- Марсеј е раздвижен, енергичен, мултикултурен, со многу луѓе што доаѓаат преку Медитеранот за шанса за подобар живот, луѓе кои се привлечени од морето, плажите и топлото време и сакаат да поминат неколку незаборавни месеци или години на југот на Франција. Пред да дојдам, бев предупредена дека Марсеј е опасен град, но во неколкуте месеци поминати тука воопшто не се чувствував небезбедно. Дали е идеален за млад научник? Мислам дека нема дефинитивен и објективен одговор на тоа прашање - за секого е различно. Ако некој сака мирна средина каде што може целосно да се фокусира на студиите со многу малку надворешни дистракции, Марсеј можеби не е вистинското место за него. Но, ако некој сака да има активен социјален живот и можност за други активности покрај студиите, како мене, Марсеј ќе му одговара многу повеќе – вели Бојана.




Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема