X
 23.05.2021 Живот

Идилично село во сенка на колосални карпи - скриен скапоцен камен на Шпанија

На североистокот на Шпанија, во регионот Уеска (Huesca), недалеку од границата со Франција, се наоѓа малото идилично село Агуеро. Тоа не се разликува многу од другите, типични села на Шпанија. Барем не на прв поглед: камени куќи, црвени фасади со многу детали и релјефи, две католички цркви од средниот век, кои се и главните туристички атракции.

Сепак, она што го прави Агуеро посебно и е причината што тука доаѓаат планинари и алпинисти од целиот свет е спектакуларната камена формација која се издига на 200 метри над селото.

1

Таканаречениот Малос де Агуеро или Лос Малос е продолжение на планинскиот венец Пиринеи, кој на северната страна ја затвора долината на реката Галего.

3

Селото Агуеро се наоѓа на рид, а над него се наоѓа нереалната камена формација која создава предел како да е излезен од разгледница. Формирањето на карпата Малос де Агуеро е старо колку и Пиринеите - околу 65 милиони години. Ерозијата и водата успеале да создадат неверојатни монолити кои заштитнички се издигнуваат над селото и долината. Најимпресивна е карпата Пења Сола, која е одвоена од остатокот на формацијата.

2

Во близина се наоѓа и пештерата Ал Форас, така што ова е совршено место за оние што сакаат да избегаат од градскиот метеж и да уживаат во мирот на природата. Ова е популарна дестинација особено меѓу планинарите, параглајдеристите, љубителите на рафтингот и љубителите на скијањето.

Извор: Nationalgeographic.rs
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот