X
 23.08.2023 Живот

Лебот нема да поскапи, тврдат мелничарите

Цената на лебот во однос на брашното ќе нема никакви поместувања, освен ако драстично не поскапат енергентите или електричната енергија како минатата година, тврдат мелничарите. Но, во таков случај, тие очекуваат Владата да реагира навремено и да ги изрегулира на соодветно ниво цените на енергентите или струјата за да не се повтори проблемот од лани.

Според претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора, Горан Малишиќ, изминатите денови непотребно се крена многу прашина околу цената на лебот.

Како што изјави Малишиќ за МИА, Групацијата во консултации со најголемите индустриски производители на леб утврдила дека темата за зголемување на цената на лебот е само шпекулација во јавноста, поттикната од зголемувањето на цените на другите основни производи.

-Моменталната ситуација на цените на светските и регионалните берзи на пченицата, би рекол и покрај сите турбуленции поради војната во Украина, некако се стабилизираа на ниво од 230 до 245 евра тон за меркантилна пченица на најрелевантната Француска берза и на Чикашката берза од околу 205 до 215 евра по тон. Регионалните цени во моментов се движат во тој опсег помеѓу цените од двете берзи и сите индекси од берзите за цените во декември, март или мај, па и по жетвата во 2024 се движат во истиот опсег. Сите овие податоци ни даваат за право да веруваме дека цената на брашното како и индиректно на лебот, посебно индустрискиот, ќе го задржи истото ниво во идниот период. Покрај овие берзански индиции, нашата Групација, во консултации со своите членки, односно во консултации со најголемите индустриски производители на леб, утврди дека темата за зголемување на цената на лебот е само шпекулација во јавноста поттикната од страна на зголемувањето на цените на другите основни производи - истакнува Малишиќ.

Извор: МИА
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот