X
 24.05.2023 Здравје

Истражувачи го покажаа влијанието на медитеранската исхрана на клеточно ниво

Медитеранскиот начин на исхрана стана познат насекаде низ светот, а сè повеќе истражувања покажуваат дека е добар за здравјето и игра улога во долговечноста. Претходни истражувања покажале дека луѓето што се на оваа исхрана, која изобилува со храна од растително потекло и риба, се поздрави на повеќе начини.

Ново истражување водено од истражувачи од Универзитетот „Стенфорд“ во САД ги открило последиците на овој вид исхрана на клеточно ниво. Заклучоците биле донесени врз основа на анализа на начинот на кој исхраната, поточно здравите маснотии во исхраната влијаат врз животниот век на вид црви.

Медитеранската исхрана изобилува со корисни маснотии, познати како мононезаситени масни киселини, кои се наоѓаат во јаткастите плодови, рибата и маслиновото масло. Истражувањето се фокусирало на една здрава масна киселина, олеинската киселина, која се наоѓа во маслиновото масло и во некои јаткасти плодови.


Фото: Pixabay

Истражувачите откриле две поволности на олеинската киселина: таа ги заштитува клеточните мембрани од оштетување и го зголемува бројот на клучни клеточни делови наречени органели. Овие два ефекти направиле значајна разлика, покажало истражувањето. Црвите што биле хранети со олеинска киселина живееле околу 35 отсто подолго од црвите на потрадиционален режим на исхрана.

Откритието би можело да помогне во подобрување на водичите за исхрана и во иднина да инспирира начини за намалување на ефектите на стареењето. Засега, истражувачите посочуваат дека откритието отвора можност за дополнителна анализа за влијанието на олеинската киселина врз луѓето.

Извор: Science alert
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје