X
 24.07.2017 Живот

Затворот од кој нема излегување - во него се сместени најлошите криминалци

Затворот со максимална безбедност во Флоренс, Колорадо, наречен ADX, е најпознат затвор во САД. Во него се сместени Рамзи Јусуф, кој планирал бомбардирање на Светскиот трговски центар во 1993 година, Закариас Мусауи, еден од организаторите на нападот на 11 септември, и многу други. Откако бомбашот на Бостонскиот маратон беше осуден на смртна казна, и тој стана дел од затворот.

Затворениците се под надзор 24 часа со тешко вооружување. Затворот е изграден од 12 големи кули на кои има вооружени чувари, а на врвот од ѕидините се поставени бодликави жици.

Во затворот има повеќе од 400 затвореници, а деновите ги поминуваат во бетонски ќелии по 23 часа дневно. Оброците ги добиваат низ мали празнини на вратите. Креветот е од бетон, а на него има душек и ќебе. Во ќелијата имаат еден прозорец од кој влегува малку дневна светлина, но затворениците низ него не можат да видат ништо освен згради. Во ќелијата има и бетонски столови, а цврстите ѕидови спречуваат затворениците меѓусебно да се видат или на кој било начин да комуницираат.

Рекреација им е овозможена само еден час дневно, но таа не се одвива во простор поголем од ќелиите. За да дојдат до тој простор, поминуваат низ пат кој е постојано под надзор од стотина камери, а пред нив и зад нив се отвораат и се затвораат метални врати. Во некои ќелии имаат радиоприемници и црно-бели телевизори на кои можат да се следат верски, образовни или програми од општ интерес. Писмата и разговорите се надгледуваат постојано, а затворениците добиваат и работни задачи, како чистење.

Постојат и посебни мерки за сигурност за најголемите криминалци. Ним им е строго ограничена комуникацијата со надворешниот свет, а смеат да ги посетуваат само нивните адвокати и најблиски членови на семејството.

Затворениците од овој затвор се сметаат за најнасилни и во него се сместени и многубројни терористи. Многу од нив веќе биле во затвор, убивале вработени и посетители, па ја добиле казната во овој затвор да го поминат остатокот од животот.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот