X
 24.12.2019 Култура

Импресивен концерт на младата пијанистка Ивона Базгалоска

Базгалоска за 2020 година има најавени многубројни солистички концерти на домашната и на меѓународната сцена, само како ново продолжение на сопствената максимална желба за идна континуирана комуникација со љубителите на класичната музика

Една од најнадежните македонски пијанистки - Ивона Базгалоска приреди вистинско предновогодишно уметничко доживување за љубителите на класичната музика со синоќешниот импресивен концерт кој се одржа во Музејот на македонската борба во Скопје.
Младата пијанистка, која е студент во втора година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. д-р Нина Костова-Јаневска, и е под менторство на истакнатите руски педагози проф. Борис Романов и проф. Људмила Романова, имаше повеќе од впечатлив настап демонстрирајќи извонредна техника испратена со силни емоции до присутната публика. Совршено музицирање, позитивни вибрации, виртуозен перформанс само како дополнување на сето богато професионално минато што веќе го има зад себе иако со само 20 години.


Ивона Базгалоска

Базгалоска свиреше дела на Јохан Себастијан Бах (Прелудиум и фуга во Г-мол), Менделсон (Сериозни варијации оп.54), Лист (Трансцендентална етида бр.10), но импресионира со Баркаролата на Шуберт и Лист, како и Валцерот бр. 1 – Мефисто на Франц Лист.
Ивона Базгалоска е една од најнаградуваните млади македонски пијанистки. Своето музичко образование го почна во ОМУ „Методи Патче“ во родниот Охрид во класата на проф. Даниел Чуркоски, каде е и првенец на генерација.

Од 2010, па сѐ до денес добитник е на многубројни специјални и први награди на државните првенства. Во 2013 година освои и втора награда на меѓународниот натпревар „Даворин Јенко“ во Белград, во 2014 и во 2017 година освои втори награди на престижните меѓународни натпревари „Еутерпе“ во Корато, Италија, на „Голден мјузик авордс“ во Њујорк, како и на „Гранд виртуосо“ во Лондон. Добитник е на признанието најдобар инструменталист за учебната 2017/2018 година во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, награда која ја доделува семејството на Илија Николовски-Луј. Во декември минатата година запиша и солистички настап со оркестарот на Македонската филхармонија под палката на маестро Ле Фи Фи, а во јуни оваа година имаше солистички настап и во црквата „Св. Софија“ во Охрид.
Базгалоска за 2020 година има најавени многубројни солистички концерти на домашната и на меѓународната сцена, само како ново продолжение на сопствената максимална желба за идна континуирана комуникација со љубителите на класичната музика.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура