X
 25.05.2021 Живот

Земјите од Медитеранот со нови слогани се обидуваат да привлечат туристи

Медитеранот, кој во минатото привлекуваше приближно третина од сите светски туристи, ќе биде најпосакуваната летна дестинација и во 2021 година.

Многу туристички земји деновиве ги интензивираат своите напори за привлекување туристи. Земјите веќе почнуваат кампањи за привлекување странски туристи, а меѓу нив е и Хрватска. Оваа земја пред неколку дена ја започна кампањата во која главната улога ја имаат странските туристи, а нејзиниот слоган е: „Trust me, I've been there“ (Верувај ми, бев таму). На Хрватска ѝ се приклучија и Грција, Шпанија, Турција, Австрија...

Благодарение на вакцинацијата и таканаречените зелени пасоши, сите се во трката за гости. Хрватска сега има цел да оствари барем 60 отсто од туристичкиот промет од 2019 година.

Грција, која го искористи хитот на „Битлси“ „All you need is love“ (Сè што ти треба е љубов), ја почна шестмесечната кампања со слоганот „Сè што ти треба е Грција“ и има цел да оствари барем 50 отсто од туристичкиот промет во 2019 година. Минатата година Грција оствари приход од само 4 милијарди евра од туризмот (18 милијарди евра во 2019 година), па се надева дека ќе привлече околу 15 милиони туристи со најголемата кампања во последната деценија.

Кампањата е насочена кон природните убавини на земјата и безбедноста од коронавирусот.

francija
Фото: Freepik

Хрватска уште во февруари ја почна кампањата „Safe stay in Croatia“ (Безбеден престој во Хрватска). Но, колку угодувањето на туристите може да биде комплицирано, покажа турската кампања, чиј слоган е: „Enjoy, I'm vaccinated“ (Уживај, вакциниран сум). Имено, турската јавност најпрво беше огорчена од мерките со кои турскиот народ мораше да остане во изолација, додека туристите што беа во кратка посета беа изземени од правилото.

Овој месец туристичката велесила Шпанија ја лансира промотивната кампања под слоганот: „You deserve Spain“ (Вие ја заслужувате Шпанија). Пред пандемијата Шпанија беше домаќин на 84 милиони странски туристи годишно, а во 2021 година се надева дека ќе биде домаќин на 45 милиони. Кампањата главно е во дигитален формат, а во Велика Британија, Германија и Франција има и класични реклами на телевизија, на отворено, на автобуси итн.

Најголемиот конкурент на Шпанија е сепак Франција, која во нормални години има 90 милиони туристи и 57 милијарди евра приход. Со кампањата „What really matters“ (Она што навистина е важно) во 10 европски земји, Французите го промовираат нивниот животен стил, особено во руралните и ретко населените области.

Извор: B92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот