X
 25.07.2018 Живот

Авторот на „Малиот принц“ напишал молитва која ќе ви го промени погледот на животот

Антоан де Сент Егзипери на пошироката јавност ѝ е познат како творецот на „Малиот принц“ и многу е мал бројот на оние што знаат дека тој бил и воен пилот, односно дека за своите воени заслуги добил и Орден на честа.

Најдобриот писател меѓу пилотите и најдобриот пилот меѓу писателите починал во авион, од срцев удар, летајќи во текот на една задача.

Како писател ги остварил сите свои детски фантазии преку „Авијатичарот“, „Ноќен лет“ и најпознатата „Малиот принц“.

Дури и додека бил на задачи, Егзипери не престанувал да пишува.

Оваа молитва настанала во еден од најтешките периоди во животот на овој писател, кога болеста, годините и воениот виор полека го кршеле.

Научи ме на уметноста на малите чекори - Антоан де Сент Егзипери

Господе, јас не молам ни за чуда ни за привиденија, туку за секојдневна сила. Научи ме на уметноста на малите чекори. Направи ме повнимателен и поснаодлив, за во разноликоста на секојдневниот живот да се задржам на откритијата и искуствата што ме возбудуваат.

Научи ме правилно да располагам со времето во својот живот. Подари ми го убавиот подарок да го разликувам примарното од секундарното.

Јас молам за сила на воздржаност и умереност, за во животот да не летам и да паднам, туку разумно да го планирам текот на денот. Да можам да видам врвови и пространства, па дури и понекогаш да најдам време да уживам во уметноста.

Помогни ми да сфатам дека илузиите не се од помош. Ни сеќавањето на минатото, ни соништата за иднината. Помогни ми да бидам тука и сега и да го прифатам овој момент како најважен.

Спаси ме од наивното убедување дека сѐ во мојот живот треба да биде мазно.

Подари ми јасно сознание дека тешкотиите, поразите, падовите и неуспесите се само природен, составен дел од животот, благодарение на кои растеме и созреваме.

Потсетувај ме дека срцето често се буни со причина.

Испрати ми во вистинскиот момент некој што има храброст да ми ја каже вистината, но да ми ја каже со љубов!

Знам дека многу проблеми се решаваат и ако ништо не се направи, затоа научи ме на трпение.

Ти знаеш колку е силна мојата потреба за пријателство. Дозволи ми да бидам достоен за тој најубав и најнежен дар од судбината.

Дај ми богата фантазија, за во потребното време, во потребниот момент, на вистинското место, во тишина или говорејќи, некому да би му ја подарил неопходната топлина.

Направи од мене човек кој знае да допре до оние што се навистина на дното.

Спаси ме од стравот дека нешто ќе пропуштам во животот. Не давај ми го она што јас го сакам, туку она што навистина ми е потребно.

Научи ме на уметност од мали чекори.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот