X
 26.01.2021 Наука

Колку се загрижувачки новите варијанти на коронавирусот?

Новите мутации на коронавирусот се позаразни од оригиналниот вирус што ја предизвика пандемијата.

Научниците брзаат да ги проучат овие мутирани верзии за да разберат каква закана претставуваат. Не е неочекувано да се појават нови варијанти од вирусот со оглед на тоа што сите вируси мутираат со цел да се шират и да напредуваат.

Кои се новите варијанти на вирусот?

Експертите во моментот се фокусирани на мал број нови варијанти на вирусот:

- Британската варијанта, која стана доминантна во најголемиот дел од Велика Британија и се прошири во повеќе од 50 други земји;
- Јужноафриканската варијанта пронајдена во најмалку 20 други земји, вклучувајќи ја и Велика Британија;
- Нова варијанта од Бразил.

Повеќето од овие разлики немаат никакво значење. Некои дури може да му штетат на опстанокот на вирусот. Но, некои можат да го направат позаразен или поопасен.

Варијантата има невообичаено напредна мутација. Најверојатното објаснување е дека варијантата се случила кај пациент со ослабен имунолошки систем кој не успеал да се избори со вирусот. Наместо тоа, неговото тело станало плодна почва за мутација на вирусот.

вирус
Фото: Freepik

Зошто оваа варијанта е причина за загриженост?

Истовремено се случуваат три работи што предизвикуваат сомневање:

- Оваа варијанта брзо ги заменува другите мутации на вирусот;
- Постои мутација во делот на вирусот кој најверојатно е многу важен;
- Некои од овие мутации во лабораториите веќе покажале дека ја зголемуваат способноста на вирусот да зарази клетки.

Сето ова заедно гради слика за вирус што полесно се шири. Сепак, научниците не се апсолутно сигурни во тоа.

Новите соеви може да станат почести само затоа што се појавуваат на вистинското место во вистинското време - како што е Лондон, кој досега имаше мерки за ограничување на движењето од втор ред.

- Потребни се лабораториски експерименти, но дали сакате да чекате со недели или месеци за да ги видите резултатите и да преземете мерки за да се запре ширењето? Веројатно не во вакви околности - вели Ник Ломан од британскиот конзорциум за геномиката на Ковид-19.

Што знаеме за новите мутации?

Објавена е првична анализа на новата варијанта и во неа се наведени 17 потенцијално важни промени. Исто така, постојат промени во шилестиот протеин - што е клучот што вирусот го користи за да ги „отклучи“ вратите на клетките во нашето тело. Една мутација наречена „N501Y“ го менува најважниот дел на шилестите врвови, познат како „домен на врзување на рецепторот“. Ова е место каде што шилестиот врв го остварува својот прв контакт со површината на клетките на нашето тело. Какви било промени што ќе го олеснат влегувањето на вирусот веројатно му даваат предност.

- Ова се чини како важна адаптација - вели професорот Ломан.

Втората мутација, во која е отстранет дел од шилестиот врв, се јавуваше неколку пати претходно. Работата на професорот Рави Гупта од Универзитетот во Кембриџ посочуваше дека оваа мутација двојно ја зголемува заразноста во лабораториски експеримент.

Истражувањето на истата група сугерира дека бришењето ги прави антителата од крвта на луѓето што ја прележале болеста помалку ефикасни во нападот на вирусот.

- Оваа верзија брзо се шири, а тоа ја загрижува владата, а нè загрижува и нас, повеќето научници - вели професорот Гупта.

Дали новите соеви се поопасни?

Во моментов не постојат докази дека кој било вид на вирусот предизвикува посериозни болести од порано. Мерките, како што се често миење на рацете, држење дистанца и носење маски, сепак ќе помогнат во спречувањето на заразата, а бидејќи новите варијанти полесно се пренесуваат, важно е да бидете внимателни.

varijacii
Фото: Freepik

Колку е сериозно ова?

Постојат сомнежи дека британската, јужноафриканската и бразилската верзија на вирусот можат да бидат многу позаразни и полесно да се шират отколку претходно познатите форми. Сите три верзии имаат промени во шилестиот протеин кој е дел од вирусот што се лепи на човечките клетки. Како резултат, се чини дека овие верзии се поуспешни во инфицирањето на клетките и ширењето.

Експертите сметаат дека британскиот вид се појавил во септември и за 70 отсто полесно се пренесува, иако подоцнежното истражување на јавното здравје во Англија проценува дека процентот е помеѓу 30 и 50. Овој вид на вирусот доведе до најнови строги мерки за затворање на Велика Британија.

Јужноафриканскиот вид се појави во октомври и има потенцијално поважни промени во шилестиот протеин отколку британскиот. Постојат некои мутации исти како британскиот вид, плус уште две за кои научниците сметаат дека можат повеќе да влијаат врз ефективноста на вакцината. Еден од нив може да му помогне на вирусот да избега од антителата.

Дали вакцините сепак ќе имаат ефект?

Тековните вакцини се направени за раните варијанти, но научниците се убедени дека би требало да функционираат и против нови варијанти, иако можеби не толку добро. Во тек се лабораториски истражувања за да се потврди ова.

Вакцините, сепак, го обучуваат телото да напаѓа неколку делови од вирусот, а не само делови со шилест протеин. Во иднина може да се појават различни варијанти.

Дури и во најлош можен случај, вакцините можат да бидат редизајнирани и приспособени - за неколку недели или месеци, доколку е потребно, велат експертите.

Како и со вакцината против грип, на која секоја година се прави промена за да се покријат сите нови промени во вирусите на грип, нешто слично може да се случи и со коронавирусот.

Вакцините го учат имунолошкиот систем да напаѓа неколку различни делови на вирусот, па дури и ако делот со шилестиот врв е мутиран, вакцините сепак треба да функционираат.

- Но, ако дозволите да има повеќе мутации, тогаш постои простор за загриженост. Овој вирус е на пат да избега од вакцината - вели професорот Гупта.

vakcina
Фото: ВВС

„Бегството од вакцината“ се случува кога вирусот толку се променил што успева да го избегне целосниот ефект на вакцината и продолжува да ги заразува луѓето. Ова е можеби елемент што најмногу загрижува за она што се случува со вирусот.

Оваа варијанта е само најновиот пример што покажува дека вирусот продолжува да се приспособува за да заразува што е можно повеќе луѓе.

Што преземаат
научниците во врска со ова?

Ќе се појават и други варијанти на вирусот. Научниците од целиот свет внимателно следат што се случува и секоја нова варијанта ќе биде проучена и следена. Истражувачите од Институтот за медицински истражувања во Кенија велат дека во моментов анализираат нова варијанта различна од британските и јужноафриканските видови.

Британскиот министер за развој на вакцини Надим Захави вели дека веќе се преземени мерки за производство на нови вакцини ако се појави потреба.

Дали ова се случуваше претходно?

Да. Вирусот кој првпат беше откриен во Вухан, Кина, не е истиот што ќе го најдете во повеќето делови на светот. Мутацијата „614G“ се појави во Европа во февруари и стана глобално доминантна форма на вирусот. Друга мутација, „A222B“, се шири низ Европа и беше поврзана со летните одмори во Шпанија.

Извор: BBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука