X
 26.05.2017 Култура

Техники кои помагаат за суперпомнење

Постојаната изложеност на дигиталната технологија  негативно влијае врз индивидуалниот капацитет за помнење. Сепак, постојат низа  едноставни и практични техники кои можат да ја зголемат способноста за запомнување факти и информации.

Интересно е што лошото помнење не се јавува само кај постарите генерации. Неодамна, едно американско истражување каде беа испитувани лица на возраст од 18 до 34-годишна возраст, покажа дека истите имаат дури и полошо помнење од популацијата постара од  55 години. На прашањето „кој ден е денес“, неточно одговориле дури 15 проценти од групата 18-34, а само седум проценти од повозрасните од 55 години.

Еве неколку ефикасни техники за подобрување на способноста за помнење:

1. Визуелизација

Дури 65 проценти од популацијата, подобро учат со помош на визуелни помагала. Ако треба да запомнете нешто, визуелизирајте ја сликата која го опишува настанот, времето или зборот.
 
2. Крстозборки и ребуси

Игрите за стимулирање на мозочната активност, како крстозборки  или судоку, го јакнат помнењето.

3. Методата на Цицерон: лоцирајте податоци во „палатата на меморијата“

Замислете некаква физичка локација, некоја зграда или дел од улица. Кога ќе треба да запомните некои податоци, едноставно „прошетајте“ низ вашата локација и складирајте го секој поим во некоја просторија или дел од улицата, поврзувајќи ги на некој начин со нив. Кога ќе треба да се присетите на истите,  „прошетајте“ повторно на таа веќе позната локација и едноставно, извадате ги  архивираните материјали „на виделина“.

4. Методата „Бејкер“

При еден психолошки експеримент под наслов Парадоксот Бејкер-бејкер, испитаниците биле поделени во две групи. На секој од нив му била покажана слика од еден  ист човек:  на првата група им било кажано дека лицето се презива Бејкер, а на втората им рекле дека лицето по занимање е пекар (бејкер).
Испитаниците од втората група кои добија информација за занимањето на човекот – пекар (бејкер) многу полесно ја запомнаа информацијата во споредба со оние на кои им беше соопштено презимето Бејкер. Објаснувањето е едноставно: иако и сликата и двата збора (бејкер) се потполно исти, луѓето кои замислија професија, а не личен податок – презиме, во своите мисли „скроиле“ подолга приказна која вклучува брашно, леб, кифли... податоци кои полесно се помнат.

5. Попладневна дремка

Експертите од НАСА откриле дека кратката попладневна дремка значително го подобрува помнењето. На скенерот МРИ се покажало дека мозочната активност кај оние лица кои дремнуваат во текот на попладнето, е значително поголема во однос на оние кои воопшто не одмараат во текот на денот.

6. Име на челото


Френклин Рузвелт бил познат по своето одлично помнење на имиња. Ги запомнувал дури и имињата на лицата со кои се сретнал само еднаш, пред неколку месеци. Тоа го објаснувал со навиката да користи една едноставна техника. При запознавањето со личностите, тој го замислувал името на лицето напишано на неговото чело. Новинарите од Си-ен-ен тврдат дека овој принцип функционира уште подобро ако го „запишете“ името со маркер во омилената боја.

7. Јадете риба, односно омега 3

Омега 3 масните киселини, кои се наоѓаат во рибите како лосос и туна, во школките, семките од тиква, прокељот, оревите и други продукти, се одличен избор за здравјето на мозокот. Храната богата со омега 3 масни киселини го намалува ризикот од развој на Алцхајмеровата болест, покажа студијата од 2012 година, спроведена на Универзитетот Колумбија.

8. Фокусирајте го вниманието


Многумина кога се  презафатени ја прават најголемата грешка која го намалува помнењето – едноставно не обрнуваат внимание на задачата, разговорот или искуствата. Површноста го ослабува памтењето, зголемувајќи ја можноста за заборавање на факти и настани. Значи, без оглед на тоа за што станува збор, посветете поголемо внимание на истото па шансите дека нешто ќе запомнете од  сето тоа, значително се зголемуваат.

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура