X
 26.07.2017 Култура

Волт Дизни: „Прво – размислувај. Второ – верувај. Трето – сонувај. И конечно – осмели се!“


Волт Дизни е име што стана синоним за среќа и безгрижност на дечињата низ светот. Роден е во 1901 година во Чикаго и од мали нозе покажува талент за цртање, па првите пари ги заработува како седумгодишник продавајќи свои цртежи.

Заедно со своето семејство често се сели, но цртањето секогаш му е нешто што неизмерно го сака.

Откако го одбиваат како доброволец во американската војска во текот на Првата светска војна, бидејќи има само 16 години, се приклучува во Црвениот крст и патува за Франција. Разнесува храна на военото поле, но развозува и ранети војници на посебни колички украсени со цртежи и карикатури.

После војната не сака да се занимава со обични работи, како, на пример, работа во фабрика. Сака да ги смее и развеселува луѓето и да го направи животот поубав. На 21 година заминува во Холивуд и ги остварува своите соништа.

Заедно со братот Рој отвора студио, ја запознава жената на својот живот и создава симбол од својот долгогодишен труд и упорноста – Мики Маус.

Благодарение на него, ги запознавме Бамби, Дамбо, Пепелашка, Скитникот и Дамата, Заспаната Убавица, Петар Пан и многу други цртани ликови. Волт Дизни е заслужен за магичното детство и победата на доброто над злото, за животните мудрости и поуки.

Неговите цитати ќе останат запаметени како големи мисли за соништата и успехот, и за желбата креативноста и фантазијата да ги поттикнат децата на големи нешта.

* Сите наши соништа можат да се остварат доколку имаме храброст да ги следиме.

* Ние секогаш одиме напред, отвораме нови врати и работиме нови нешта затоа што сме љубопитни. Љубопитноста секогаш води кон нови патишта.

* Доколку нешто можеш да сонуваш – истото можеш и да го направиш.

* Преполни училници и полудневни сесии каде што трагично се уништуваат нашите најголеми ресурси – умовите на нашите деца.

* Попрво би забавувал луѓе со надеж дека нешто ќе направат отколку да ги учам на нешто со надеж дека тоа ќе ги забавува.

* Што повеќе личиш на самиот себе, толку помалку личиш на кој било друг – тоа е она што те прави единствен.

* Прво – размислувај. Второ – верувај. Трето – сонувај. И конечно – осмели се!

* Голема грешка е да не им се даде можност на луѓето да станат независни додека сè уште се млади.

* Сè додека ликот не добие личност, не може да му се верува. Без личност, ликот може да прави смешни и тажни нешта, но луѓето не ќе можат да се поистоветат со него бидејќи им изгледа нереално. Без личност, приказната во која се наоѓа не може да допре до публиката.

* Лидерството значи дека групата, независно дали е голема или мала, е подготвена да ѝ ја довери власта на личноста која покажала мудрост, компетентност и способност за добро просудување.

* Смеата е безвремена, фантазијата не може да остари, а соништата траат вечно.

* Секогаш на животот гледам со оптимизам, но доволно сум реален да знам дека животот е комплексна работа.

* Секој би требало што порано да ги одреди своите цели, и својата енергија и талент да ги насочи кон нивно остварување. Или, може да пронајде нешто со што ќе се награди себеси. Но на крајот, каков и да е исходот, ќе знае дека е жив.

* Ако сте љубопитни, ќе пронајдете многу интересни нешта со кои би можеле да се занимавате. Но, единственото нешто со чија помош можете да постигнете успех е храброста.

* Нашето наследство и идеалите, кодексите и стандардите – нешта на кои ги учиме нашите деца – ќе бидат сочувани или ќе исчезнат, во зависност од тоа колку слободно ги разменуваме своите идеали и чувства.

* Направите добра работа. Не морате да се грижите за пари, тие самите ќе се погрижат за себе. Направите добра работа и тоа нека ви биде главниот адут.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура