X
 26.07.2023 Наша тема

Рекордна бројка од 365 удомени кучиња лани - главна цел на „Лајка“ е да се намали бројот на бездомни кучиња

Од почетокот на 2023 до јуни имаме удомено 186 кучиња. Мораме да им се заблагодариме и на активистите и на здруженијата кои несебично помагаат и на дел од овие кучиња им имаат најдено дом, па се надеваме дека оваа година ќе ја надминеме рекордната бројка на удомување од 2022 година, споделуваат од „Лајка“

„Лајка“ е јавно претпријатие основано од Град Скопје кое извршува дејност од посебен јавен интерес за хуман третман на бездомни кучиња и воспоставување систем за контрола на популацијата на кучиња. Работата на прифатилиштето се базира врз законска рамка со голем осврт на активности кои прифатилиштето ги воспоставува за поттикнување одговорно сопствеништво кон домашните миленици. Спроведувањето на програмата за работа на „Лајка“ ќе биде првата алка во синџирот за решавање на проблемот со бездомните кучиња и нивно удомување, за една среќна приказна со цел поттикнување на граѓаните да удомуваат од прифатилиштето. 

Нивни главни цели се намалување на бројот на бездомни кучиња, третман и грижа на бездомните кучиња и инцијатива за удомување на бездомните кучиња со цел да се намали нивниот број.

- 2022 година ја заокруживме со рекордна бројка од 365 удомени кучиња од ЈП „Лајка“, што значи дека секој ден се удомило по едно куче. Од почетокот на 2023 до јуни имаме удомено 186 кучиња. Мораме да им се заблагодариме и на активистите и здруженијата кои несебично помагаат и на дел од овие кучиња им имаат најдено дом, па се надеваме дека оваа година ќе ја надминеме рекордната бројка на удомување од 2022 година - ни споделија од „Лајка“.



Прво тест-средба, а потоа удомување

Моментално во нивното прифатилиште има над 100 кутриња и сите се објавени на нивните социјални медиуми за удомување, секој месец имаат различна бројка на удомени кутриња, обично една четвртина од уловените кучиња месечно се удомуваат, некој месец и повеќе.

- За жал, тие кучиња што нема да најдат свој дом се враќаат на локацијата од која што биле уловени и затоа е важно граѓаните да ни помогнат со споделување на кутрињата кои се објавени за удомување. Секое удомување е различна приказна, секој удомувач си бара кутре кое му одговара на начинот на живот или ние сугерираме и му помагаме при изборот на домашен миленик. Некои сакаат кутре со мал раст, некои со голем раст, некои помрзливо, некои поактивно. Многу често се случува да дојдат на средба за одредено куче за кое биле заинтересирани, па да се одлучат за друго од нашиот стационар - информираат од „Лајка“.

Секој што е заинтересиран за удомување прво им пишува на социјалните медиуми, некогаш телефонски ги контактираат, а најчесто на нивната е-пошта vdomi@lajka.com.mk, потоа закажуваат средба на која заинтересираните прво пополнуваат апликација за удомување. Потоа одат на средба во паркот за миленици и ако е успешна средбата, потоа ја разгледуваат апликацијата, па закажуваат нова средба на која кучето се удомува или ако има потреба, закажуваат уште една.



Удомувањето е бесплатно

- Не сите апликации и средби се успешни, нашата цел не е само да се удомат кучињата во какви било услови, нивната благосостојба ни е на прво место. Многу често се соочуваме со неодговорни сопственици на домашни миленици, токму и тие се главната причина за големиот број бездомни кучиња во нашиот град. Секој што не се грижи доволно добро за својот миленик и дозволува неконтролирано да се размножува придонесува кон поголема бројка на бездомни животни, кои не по своја вина завршиле на улица. Имаме и доста кучиња кои се во нашиот стационар со откажана сопственост, за жал, тие остануваат во нашиот стационар додека не им најдеме дом. Доколку граѓаните одлучат да се откажат од својот миленик, секогаш е подобро да пробаат прво самите да најдат дом за него, а последна опција да им е да го остават во стационар, а никогаш да не го пуштаат на улица затоа што најчесто тие миленици завршуваат фатално - велат од „Лајка“.



Нивниот постојан апел до граѓаните е да удомуваат, а не да купуваат кучиња. Со тоа што ќе купат миленик секое кутре што е бездомно ја губи својата шанса за дом.

- Бездомните кутриња се секогаш поблагодарни, полесно ги учат домашните навики, тие само сакаат да припаѓаат некому, да имаат свој дом и фамилија. Со секое едно кутре што ќе се удоми се намалува бројот на бездомни кучиња на улица, правиме хумано дело, добиваме најдобар другар за цел живот, мешаните раси на кучиња имаат подолг животен век бидејќи се намалуваат генетските заболувања кои ги имаат одредени расни кучиња. Во ЈП „Лајка“ удомувањето е бесплатно, а добивате миленик кој е вакциниран против заразни болести и беснило, микрочипиран и има свој пасош, кастриран или стерилизиран зависно од полот, прочистен од надворешни и внатрешни паразити, секако и вредни подароци од нашите верни спонзори на кои сме им неизмерно благодарни што помагаат да се зголеми свеста за удомување наспроти купување - истакнуваат од „Лајка“.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема