X
 27.01.2017 Живот

Утринска рутина - Совети како да започнете да вежбате наутро

Повеќето луѓе кои започнуваат да вежбаат, се одлучуваат тоа да го направат наутро бидејќи се навистина зафатени - имаат кариери, семејства и социјални обврски поради кои нивните распореди се и тоа како полни. Тие сметаат дека ако не извежбаат наутро, лесно е да им се одвлече вниманието и да не успеат да извежбаат во текот на денот.

Што е важно да знаете за тоа како треба да го испланирате денот доколку сакате да вежбате наутро?

Сонот треба да ви биде приоритет

Луѓето кои вежбаат рано наутро не си легнуваат на полноќ. Подготовката за нивните утрински вежби започнува вечерта пред вежбањето.

Џош Клапов, психолог и бихевиористички научник вели дека со утринските вежби тој започнал да спие редовно. „Обично легнувам во 21.00 или 21.30 часот. Доколку случајно легнам во 22.00 или 23.00 часот тогаш ги прескокнувам утринските вежби. Знам дека недостатокот на сонот го нарушува мојот имунолошки систем, а тоа ми го попречува тренингот. Ако си легнам подоцна, вежбањето го менувам со сон“.

Со други зборови, ако сте сериозни дека сакате да вежбате наутро, треба да бидете сериозни и во врска со вашето спиење и да си легнете во разумен час.

Подгответе се претходно и поставете си рутина

Колку помалку наредби му давате на мозокот наутро, толку подобро ќе ви биде станувањето. Затоа секој што вежба, има испланирано и се подготвил за работа уште од вечерта.

За многу луѓе е тешко доколку не ја следат веќе поставената рутина. Рутината обично треба да се состои од:

- Подготвување на облеката и се` што ви е потребно, уште од вечерта.
- Местење аларм (не постои опција „snooze“).
- Станување веднаш, без лежење во креветот.
- План за вашите вежби.
- Кафе, вода со лимон или мал оброк за да ви помогне полесно да се адаптирате утрото.

Помош

Помошта може да дојде во многу форми: обучувачи, пријател со кој ќе вежбате или членарина која ќе ве потсетува дека губите пари секој пат кога нема да одите во теретана. Без разлика од каде доаѓа помошта, поголема е веројатноста да се држите до рутината доколку постои нешто или некој кој ќе ви биде од помош.

Обидете се да вежбате секој ден


Кога развивате одредена навика, клучна е конзистентноста. Особено оние кои се нови, потребно е да вежбаат секој ден наутро со цел побрзо да ја стекнат навиката. Немојте да пропуштате повеќе од два дена, бидејќи со тоа ќе ја промените вашата навика.

Клучниот момент е да си легнете и да заспиете порано. Стекнувањето на рутина е навистина тешко, меѓутоа доколку ви е тешко да вежбате, прво стекнете ја навиката да се будите рано наутро, макар било и за 20-минутна јога. Поентата е да развиете навика.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот