X
 27.03.2020 Наша тема

МОН не кажува како ќе се полага матурата. Професори велат дека подготовките не се проблем, но тестирањето е!

Директорот на скопската гимназија „Орце Николов“ прелага на свидетелствата за оваа година да нема оценки, туку само да пишува успешно завршена година, и тие да не се земат предвид при уписите во средно и на факултет


Еден од најголемите предизвици за наставниот кадар и за Министерството за образование и наука ќе биде полагањето на државната матура ако кризата со коронавирусот потрае. Извесно е дека матурантите ќе мора да се подготват за полагањето во домашни услови. Тоа веќе им е кажано на професорите. Но останува отворено прашањето како ќе се полагаат екстерните и интерните предмети.

Драган Арсовски, директор на гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, вели дека досега не добиле никакви насоки за матурата од Министерството за образование и наука.

- Нам ни е јасно дека сами ќе треба да најдеме начин како да ги спремиме матурантите за полагањето. Тоа и не е проблем. Наставниците се во контакт со учениците, ќе ги подготват. Голем проблем е самото полагање. Како онлајн ќе се тестира толкав број на ученици во цела држава? Како да биде објективно тоа - вели Арсовски.

Матурантката Марина Спасовска, која учи во скопско стручно училиште, вели дека таа и нејзините соученици навистина се плашат од претстојната матура, најмногу поради последиците врз уписите на факултет.


- Иако професорите велат дека ќе ни помогнат да се спремиме, сепак, не е исто, загрижени сме. Проектната задача ни е готова, но треба секој да ја одбрани. Сѐ уште немаме одговор како ќе го направиме тоа. Класната ни кажа да не се грижиме, дека ќе се подготвиме за полагањето, но немаме конкретен одговор како. Јас навистина сметам дека годинава не треба да се полага матура и таа не треба да биде услов за упис на факултет. Сепак, сите имаме оценки во свидетелствата, нека биде само тоа условот за упис годинава - вели Марина.

Проектните задачи ќе се бранат онлајн

Државната матура се состои од неколку дела. Проектна задача, интерни испити кои ги спроведуваат самите училишта и екстерно полагање кое го организира Државниот испитен центар.
Проектната задача е завршена за повеќето ученици. Ова ни го потврдија во неколку средни училишта. Од 1 април учениците ќе мора да ги одбранат, а за начинот, ќе одлучат заедно со директорите на училиштата.

- Проектните задачи на нашите 240 матуранти се завршени. Нема друг начин освен онлајн-одбрана. Секој ученик практично треба да ја образложи задачата што ја работел и да ја одбрани. Наставниците ќе го направат тоа поединечно со секој ученик и верувам дека нема да има проблем - вели Арсовски.

Поголем проблем, според него, се екстерните и интерните предмети.
- За екстерните предмети ќе чекаме насоки, исто како и за интерните, кои ги организираме ние, училиштата. Моја претпоставка е дека ќе се почека да дојде јуни за да се реализираат и тие бидејќи онлајн-полагање не е опција за нив. Да се надеваме дека до јуни ќе запре ширењето на вирусот - вели Арсовски.

Професорка од скопска гимназија ни одговори дека од директорот добиле насоки да завршат со проектните задачи со секој ученик посебно.
- Ни беше кажано учениците да направат онлајн-одбрана, со каков било видеоповик. Јас ќе користам „Скајп“ и веќе имам направено список по колку ученици дневно ќе вклучувам за да си ја одбранат проектната задача.

Таа вели дека повеќе е загрижена како ќе оценуваат, како ќе ставаат оценки по сите предмети, а секако и за самото полагање на матурата.

- МОН е во тотален хаос, ни велат сами да се снајдеме за начинот на оценување. Јас навистина не знам како да седнам ученик пред компјутер и да го испрашувам или тестирам, а да сум сигурна дека нема да препишува - вели таа.

Да нема завршни оценки

Митко Димовски, директорот на скопската гимназија „Орце Николов“, вели дека во текот на следните денови ќе се договара со тимот во училиштето околу чекорите за државната матура. Скептик е како може да има оценување во ваква ситуација. Тој смета дека онлајн-настава за да се дополни изгубениот материјал е во ред, но за оценувања, испити и слично не сме спремни.

- Системот (МОН, БРО, ДИЦ итн.) треба да создаде специфични алатки, платформи на кои ќе треба да направиме претходно некаква симулација за да видиме дали тоа ќе функционира (може да се проба сега), па тоа да се стави во функција. Но, бидејќи за сето тоа е потребно време, мислам дека нема целосно да функционира, но ете да пробаме - вели тој.

Тој има и предлог како да заврши учебната година, без оценување.

- Како предлог со цел да нема многу превирања, а сепак да биде документирано, на крајот од учебната година да се изработат свидетелства на кои ќе пишува УСПЕШНО ЗАВРШЕНА ГОДИНА, ни успех ни оценки. А ова свидетелство да не се бодира при упис на факултет, ниту при упис во средно, што значи дека ќе се бодира со коефициент 1.00. За таа цел, од октомври за идните студенти прагот за успех да биде спуштен имајќи ја предвид ситуацијава, како и за учениците при упис во средно. На тој начин би ги избегнале сите несакани последици, барем така мислам. Но, ќе мора да се разработи сето ова добро, а не дигитално објективно да ги оценуваме учениците!? - вели Димовски.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми на прашање за спроведувањето на државната матура, на прес-конференција, одговори дека Државниот испитен центар (ДИЦ) веќе има конкретен предлог за полагањето државна матура, но не откри ништо повеќе.

- Предлогот на ДИЦ е доставен кај мене и ќе одлучиме според ситуацијата. Внимателно, сериозно и одговорно ја следиме ситуацијата. Нема простор за паника, нема простор за вознемирување. Дај боже час поскоро да завршиме со овој предизвик и со оваа состојба и ќе има полагање на државна матура и ќе има уписи во високообразовните установи - рече Адеми.

Инаку, во изминатите години полагањето на државната матура се спроведуваше во првата половина на јуни, а екстерните испити во училиштата во текот на мај. Лани државна матура полагаа 15.553 матуранти.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева /milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема