X
 27.07.2023 Живот

Дивите коњи ќе придонесат за спречување пожари во Шпанија

Европа е погодена од топлински бран кој предизвика пожари на повеќе места во Грција, Шпанија и во други земји. Не се очекува намалување на температурите, што значи дека пожарите може да продолжат. Дивите коњи може да бидат решението на кое никој не помислува, освен една организација во Шпанија.

Во мај организацијата „Ревајлдинг Спејн“ однела 10 диви коњи во регион од Шпанија кој во минатото бил населен со диви коњи. Биле однесени пржевалскиеви коњи, кои се сметаат за последните диви коњи во светот. Тие ќе бидат оставени на слобода во шумата.

Овие коњи најчесто се хранат со трева и листови од дрвјата, па затоа се очекува дека ќе придонесат за намалување на запаливата вегетација во пределот и забавување на пожарите.

Со векови на пиринејските висорамнини паселе овци и разни видови коњи, но намалувањето на традиционалното земјоделство довело до депопулација на руралните средини и напуштање на земјиштето. Поради тоа, пределот е обраснат со вид вегетација што придонесува за поинтензивно и побрзо ширење на шумските пожари.

Само 10 диви коњи можеби нема да направат голема разлика, но организацијата планира да го зголеми нивниот број во регионот во иднина.

Во 2017 година во Чиле се користеле кози за да ја намалат запаливата вегетација во шума која била зафатена од пожари.

Извор: Positive news
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот