X
 27.08.2019 Живот

Целиот свет се грижи за Амазонија, а во Африка горат повеќе пожари

Сериозноста на пожарите во Амазонија имаше глобален одек. Но, среде глобалната загриженост за најпознатата прашума на светот некои се запрашаа како стојат работите со пожарите во остатокот од светот. Резултатите биле изненадувачки. Овој проблем ги натера луѓето да ги проверат картите на НАСА од пожарите низ светот. Кога ќе се погледне состојбата од неделата, јасно се гледа дека во Централна Африка има повеќе пожари.

Во текот на два дена минатата недела во Ангола имаше трипати повеќе пожари отколку во Бразил, објави агенцијата „Блумберг“ врз основа на податоци од „Ведр Сорс“. Податоците покажуваат дека во Ангола имало 6.902 пожари, додека во соседната Демократска Република Конго уште 3.395, во споредба со оние 2.127 пожари во Бразил. Многу корисници на „Твитер“ беа шокирани од тоа.

Еден бразилски твитерџија го нападна францускиот претседател Емануел Макрон, кој пожарите во Амазонија ги опиша како „меѓународна криза“, обвинувајќи го дека ги игнорира пожарите во Африка. Важните информации што овие мапи на НАСА не ги покажуваат се однесуваат на тоа дали горат пасишта или шуми и колку се големи тие пожари. Набљудувачите посочуваат на слични пожари пред две години, за кои НАСА вели дека изгледаат како да се подметнати.

Како да се сугерира дека фармерите исекле дел од вегетацијата, а остатокот го запалиле за да го исчистат земјиштето за посев. Фармерската техника на сечење и палење е контроверзна, а еколозите предупредуваат дека може да доведе до дефорестација, ерозија на почвата и губење на биодиверзитетот.

Но, станува збор за најевтиниот начин за чистење на земјиштето. Предноста е што ги уништува болестите, а пепелта дава хранливи материи за идниот посев. Така, палењето на полињата останува популарно меѓу фармерите, се случува секоја година пред дождовната сезона, која во Ангола и Конго ќе почне во текот на следниот месец. Тоа на одреден начин би можело да објасни зошто пожарите не привлекоа многу внимание.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот