X
 27.08.2019 Живот

Дали Шведска е социјалистичка земја?

Луѓето од левата страна на политичкиот спектар често ја наведуваат Шведска како пример за успешна социјалистичка земја. Но, иако Шведска има релативно високи даноци во споредба со некои други развиени земји, како и развиени системи за социјална заштита, економијата не ја регулира државата, а бизнисите - и големи и мали - се во приватни раце. Во принцип, станува збор за земја која на светско ниво е на врвот во однос на економските слободи и условите за бизнис.

Освен тоа, пензискиот систем бил реформиран и делумно приватизиран, а биле воведени ваучери во образованието, преку кои родителите избираат училишта за своите деца, без разлика дали се државни или приватни, што е незамисливо во која било социјалистичка земја.

На почетокот на 90-тите години Шведска ги воведе овие ваучери во образовниот систем и благодарение на нив, родителите, а не државата, имаат право да изберат едукативни услуги за своите деца. Родителите добиваат ваучер, избираат училиште, државно или приватно, и со тој ваучер го плаќаат школувањето. Државата и понатаму ја пропишува наставната програма кон која треба да се придржуваат сите училишта што се финансираат со ваучери.

Ваучерите се финансираат од буџетот на локалната самоуправа во областа каде што се наоѓа училиштето, а износите може да се разликуваат меѓу градови и општини. Но, пропишан е минимум што мора да се исплати - тоа е просечниот трошок на државното образование по ученик. Приватните училишта не смеат дополнително да наплаќаат за образование. Исто така, приватните училишта се слободни да изберат методи за подучување и организација на образовните програми, во рамките на пропишаната наставна програма.

Препознавањето на демографските проблеми со кои се соочува цела Европа ја поттикна Шведска да го реформира својот пензиски систем. Претходниот систем, кој почиваше на силен егалитаризам и ги фаворизираше оние што работеа пократко и плаќаа помалку, е заменет со нов, во кој е воспоставена врска меѓу уплатата во пензискиот систем и очекуваниот животен век.

Секое осигурено лице во рамките на системот на меѓугенерациска солидарност ги плаќа своите придонеси на индивидуална пензиска сметка. Станува збор за имагинарна, фиктивна лична сметка, што се користи за пресметување на идните права во солидарниот пензиски систем, односно висината на пензијата. Таа сметка се формира од сите уплатени придонеси за плата. Пензиските придонеси изнесуваат 18,5 отсто од платата. Половина од оваа сума ја плаќа работодавецот, а другата половина работникот. Од вкупниот износ на придонесите 16 отсто одат на споменатата индивидуална сметка, а 2,5 отсто одат во фондови за капитализирана заштеда.

1
Фото: Freepik

Возраста за пензионирање е доста флексибилна и почнува од 61 година, но тоа значи и помала пензија, па така работниците се мотивирани да останат што е можно подолго на работа. Нема горна граница за пензија, така што секој може да работи колку што сака. Исто така, пензионирањето не значи дека едно лице мора да престане да работи. Пензионерот може да продолжи да работи и така да има дополнителен приход, но и подолг стаж, односно со уплати на сметката во пензискиот систем и подобра пензија. Инаку, Шведска го има најдолгиот очекуван работен век во Европската Унија - над 41 година.

Шведска има доста поволно деловно опкружување. Таа постојано се наоѓа на врвот на разни истражувања за условите за почнување бизнис и економски слободи. Многу глобални компании за технологија како „Скајп“ и „Спотифај“ имаат корени во Шведска.

Данокот на добивка за компаниите изнесува 21,4 отсто. Во Шведска биле создадени многубројни глобални компании како ИКЕА, „Волво“ и „H & M“.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот