X
 27.10.2023 Наука

Дел од Месечината орбитира во близина на Земјата, покажува ново истражување

Астероидот „Камооалева“, хавајски збор што значи „осцилирачки фрагмент“, е парче карпа со големина на панорамско тркало што орбитира на 14,4 милиони километри од Земјата секој април.

Од откривањето на објектот во 2016 година, научниците беа збунети за потеклото на оваа чудна карпа и изненадени кога анализата од 2021 година открила дека составот на астероидот е многу сличен на составот на Месечината.

Ново истражување објавено на 23 октомври во списанието „Комјуникејшнс ерт & енвајрнмент“ опишува начин на кој ударот на древниот астероид би можел да ја отфрли вселенската карпа на нејзината сегашна траекторија и сугерира дека би можело да има повеќе парчиња од Месечината околу Сончевиот Систем.

- Сега утврдуваме дека Месечината е најверојатниот извор на астероидот „Камооалева“ - вели водечкиот автор Рену Малхотра, планетарен научник од Универзитетот во Аризона.

Две необични орбитални својства ги привлекле астрономите за да го истражат овој астероид. Прво, како „квазисателит“ на Земјата, Месечината е толку блиску до нашата планета што се чини дека орбитира околу неа, иако нејзиниот вистински орбитален партнер е Сонцето. Второ, се предвидува дека астероидот ќе се држи блиску до Земјата милиони години, додека многу објекти блиску до Земјата остануваа покрај неа само неколку децении.

Овие аномалии ги навеле астрономите да спроведат анализа на спектрите на астероидот во 2021 година. Тие откриле дека светлината што ја емитира и апсорбира овој астероид покажува дека тој најверојатно е направен од Месечева карпа.

- Го погледнавме спектарот на астероидот само затоа што беше во необична орбита. Да беше типичен астероид блиску до Земјата, никој немаше да помисли да го пронајде неговиот спектар и немаше да знаеме дека станува збор за лунарен фрагмент - рече Малхотра.

Со симулирање удари на астероиди на Месечината и на гравитационите сили на кои би биле исфрлени парчињата, истражувачите откриле мала можност некои од карпите да завршат во орбитите блиску до Земјата.

Истражувачите велат дека нивните наоди би можеле да им дадат подобро разбирање за опасните астероиди блиску до Земјата. Нивните следни чекори ќе бидат да ги откријат условите што би можеле да ја турнат карпата во нејзината орбита и да откријат точно кога се случил ударот.

Извор: Yahoo.com
Фото: Yahoo
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука