X
 28.01.2021 Образование

МОН ги објави резултатите од дополнителниот конкурс за студентски стипендии

Министерството за образование и наука ги објави резултатите од дополнителниот Конкурс за доделување стипендии на редовни студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Македонија за студиската 2020/2021 година.

На страницата на МОН можете да ги најдете прифатените и одбиените апликации за трите групи и можете да ги преземете договорите за стипендија.

Од МОН наведуваат дека студентите што се стекнале со правото на користење студентска стипендија треба да испечатат и пополнат 3 примероци од договорот за соодветната стипендија и заедно со копија од лична трансакциска сметка, најдоцна до петок 5.2.2021 година да ги достават до Министерството за образование и наука (директно во писарницата на МОН или по пошта – препорачана пратка со повратница на адреса бул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје).

Оваа обврска важи и за сите студенти што се стекнаа со правото на стипендија на првично објавениот конкурс за доделување на стипендии, а кои сè уште немаат доставено договор и копија од трансакциска сметка до МОН.

Добитниците на стипендија кои нема да достават договор во предвидениот рок ќе се смета дека се откажуваат од правото на користење стипендија, наведуваат од министерството.

Одбиените кандидати, пак, можат да поднесат приговор во соодветен рок откако на адресата која ја имаат посочено при аплицирањето ќе добијат решение од МОН во кое ќе биде наведена причината поради која апликацијата не е прифатена.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование