X
 28.01.2024 Живот

На „Нетфликс“ му е важно да одберете што ќе гледате за помалку од една минута, еве зошто

За „Нетфликс“, од големо значење е филмовите, сериите и документарците да бидат придружени со соодветни назнаки, а еднакво важно е да има слика со содржина, како и опис.

Колку верувате во опцијата за совпаѓање на „Нетфликс“? Тоа е бројка изразена во проценти што покажува колку е веројатно дека ќе ви се допадне некој филм, серија или документарец. Но, за некои корисници, оваа бројка понекогаш е прилично збунувачка бидејќи некои предлози што имаат висок процент, односно голема веројатност да им се допаднат на корисниците, завршуваат како целосно промашување.

Според последните медиумски извештаи, „Нетфликс“ размислува да ја исклучи оваа опција, односно тој број во иднина да не им се прикажува на корисниците. Наместо совпаѓање, „Нетфликс“ планира акцентот да го стави на една опција за која се надева дека ќе овозможи подобри предлози за гледачите, односно благодарение на неа ќе ја зголеми гледаноста на содржините на својата платформа. Станува збор за ознаки кои се прикажуваат заедно со содржината на оваа стриминг-платформа. За секој филм, серијал и документарец има неколку вакви ознаки кои се направени за накратко да се опише за каква содржина станува збор. На „Нетфликс“ има повеќе од 3.000 такви ознаки, како „возбудливо“, „реалистично“, „акција“, „фасцинантно“, „вистинско злосторство“ и слично.

Најпопуларните ознаки се „романтично“, „возбудливо“ и „неизвесно“.

Ознаките се клучот за успехот на „Нетфликс“ над конкурентните стриминг-платформи бидејќи помагаат во привлекувањето на гледачите. Како што веројатно знаете од сопственото искуство, пребарувањето нова содржина може да биде прилично заморно, а корисниците за брзо време ја напуштаат платформата доколку не најдат нешто интересно. Еден директор на „Нетфликс“ изјави дека просечното време по кое корисниците се откажуваат од гледањето е 53 секунди. Тоа значи дека ако во тоа време не најдат интересна содржина на „Нетфликс“, веројатно нема да гледаат ништо.

Токму затоа од големо значење е да се погодат вистинските ознаки за корисниците, а еднакво важна е и сликата со содржината, како и нејзиниот опис. Овие работи се важни, според тимот на „Нетфликс“, и прават голема разлика при одлучувањето дали корисниците ќе гледаат одреден филм/серија или не. Затоа, во иднина „Нетфликс“ почесто ќе се потпира на ваквите ознаки, а прашање е дали ќе продолжи да го прикажува процентот на совпаѓање за својата содржина.

Извор: Independent.co.uk
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот