X
 28.02.2019 Економија

Битка за работници во Хрватска - се нуди 13. плата, се избира работник на годината...

Се чини дека барем дел од големите работодавци во хрватскиот туризам најдоа едноставно решение за проблемот со недостиг на работна сила - ги зголемија платите. Покрај другите награди, 13. плата, стимулации, бесплатно сместување и храна за сезонските работници што доаѓаат од други средини, нивните вкупни примања ќе бидат од 10 до 15 отсто поголеми од лани бидејќи работниците за туристичката сезона во Хрватска станаа како суво злато, пренесуваат тамошните медиуми.

Она што до вчера беше незамисливо, веќе овие денови станува реалност - најголемите хотелски компании во Хрватска како да се тркаат која ќе им даде подобри стимулации на работниците што ќе работат таму оваа сезона. Празнични дневници, 13 плати, подароци за децата, јубилејни награди, одбирање работник на годината и доделување парична награда - сето ова се мамки со кои овие денови хрватските работодавци се фалат во трката да придобијат работници. Таму недостигаат околу 15.000 работници.

Најпрвин „Валамар“, како најголема хотелска групација во земјата, најави дека ќе им дава 13. плата на работниците во износ од 5.000 куни (околу 670 евра), покрај загарантираните минимални примања со ист износ за сите вработени што ќе го одработат целиот месечен фонд часови и низа други финансиски стимулации, од празнични дневници до награди. Потоа „Јадрански луксузни хотели“ ја продолжи трката со објава дека тие на своите работници, покрај редовната плата, ќе им исплаќаат и околу 1.100 евра, од кои околу илјада евра преку неоданочени исплати и 100 евра оданочени.

Нема сомнежи дека и другите работодавци од секторот на туризмот, барем оние најголемите, ќе мора да ги следат овие чекори во поглед на подобри услови што им се нудат на работниците. Но, Хрватите сега се прашуваат зарем сето ова не можеше да се направи порано и да не им му се дозволи на квалитетниот домашен кадар да замине надвор од границите на родната земја поради мизерните плати?

Хрватската влада ја стимулираше целата работа така што им овозможи на работодавците да им даваат на вработените неоданочени 1.100 евра, но платите на вработените, со исклучок на ретки туристички работодавци во Хрватска, секогаш биле на последното место по важност и тие биле првите жртви на штедењето.

Од друга страна, додека најголемите работодавци во туризмот во оваа земја јавно демонстрираа дека имаат простор за зголемување на платите без да ја загрозат својата заработка, оние помалите и средните сега вложуваат во нерамноправниот натпревар со нив бидејќи можностите им се значително помали.

Но, тие немаат избор, па еден келнер од подрачјето на Дубровник, кој лани сезонски работел за околу 950 евра нето-плата, вели дека оваа година кај истиот работодавец договорил плата од околу 1.200 евра. Секако, притоа официјалната плата е околу 740 евра, а останатото е стимулација или посебен анекс на договорот, кој всушност значи дека дел од парите се исплаќаат на рака.

Хрватите што работат во секторот на туризмот сега се жалат дека се најзагрозени бидејќи работодавците одлучиле да направат сè за да довлечкаат странци и да ја искористат оваа квота на дозволи за увезени работници. Така, во Далмација сега пристигнуваат Филипинци и Украинци, кои добиваат сместување и храна и иста плата како Хрватите.

- Така тие всушност се подобро платени и за 40 отсто од нас. Ние по работното време одиме дома, плаќаме сметки, храниме фамилија и друго, а платата ни е иста. Тие не трошат ни на храна ни на сместување, сè им е платено и тоа не е праведно за домашните работници, за кои работодавците знаат дека и онака се тука и нема да побегнат, колку и да им е мала платата - вели еден готвач.

Во секторот на туризмот квотите за увоз на работна сила се зголемени за повеќе од сто отсто, а минатата година беа 6.900, што е број на сезонски работници доволен само за еден синџир хотели на Јадранот, вели претседателот на хрватскиот Синдикат за туризам и трговија, Едуард Андриќ. Според него, решението за недостигот на работна сила не е во зголемувањето на дозволите за увозни работници, туку во даночните олеснувања за работодавците, кои потоа би имале повеќе простор за зголемување на платите.

- Мора да се најде начин да се изедначат правата на домашните работници и на оние „увозните“ бидејќи сега подобри услови добиваат сезонските работници, што е недозволиво. Зголемувањето на платите и вработувањето на неодредено време се единствениот начин за спречување на заминувањето на работната сила надвор од Хрватска - вели Андриќ.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија