X
 28.02.2024 Живот

Туристите се вратија во Северна Кореја, првпат по пандемијата. Еве што видоа таму

На многу луѓе од Русија им беа оневозможени туристички патувања. Но, Северна Кореја, како клучен руски сојузник, понуди ретка можност за патување.

Лена Бичкова, професионалец за маркетинг, не можела да поверува кога дошла нејзината севернокорејска туристичка виза. Таа била една од 100 руски државјани на кои им беше дозволено да патуваат во Северна Кореја овој месец, на првото меѓународно туристичко патување по ковид-пандемијата.

Туризмот во Северна Кореја е строго контролиран. Сами патници не смеат да влезат во земјата, а групите мора да бидат придружувани од набљудувачи. Приходите од туризмот се користат за поддршка на режимот на диктаторот Ким Џонг-ун.

Посетата на Северна Кореја носи значителни ризици. Американскиот студент Ото Вармбиер беше приведен за време на патувањето во Северна Кореја во 2016 година, наводно за кражба на пропаганден плакат. Во САД се вратил 17 месеци подоцна во вегетативна состојба, при што набргу починал.

Бичкова и остатокот од групата пристигнаа во Пјонгјанг на 9 февруари, патувајќи со севернокорејската авиокомпанија „Ејр Корјо“ од Владивосток. Иако Бичкова вели дека била анксиозна околу патувањето,  љубопитноста победила и поради тоа не смеела да ја пропушти шансата да види земја која малку туристи имаат можност да ја истражуваат.

И блогерот за патувања Илија Воскресенски, кој исто така се приклучил на турнејата, чувствувал анксиозност. Тој вели дека една од причините зошто сакал да ја посети оваа земја е да открие дали современа Северна Кореја може да се спореди со Советска Русија, за која слушал од членовите на неговото семејство.

- Кога ќе ја погледнеш Северна Кореја, ќе сфатиш дека баба ти и дедо ти живееле како што луѓето живеат сега тука. Во градот нема апсолутно никакви реклами. Единственото нешто што е изложено се партиските слогани, знамињата и слично - вели тој.

Четиридневното патување чинело 750 долари. Со групата постојано имало водичи и преведувачи. Маршрутата вклучувала посета на бронзените статуи на покојните водачи Ким Ил-сунг и Ким Јонг-ил на ридот Мансу, детската палата Мангјонгдае, каде што децата изведувале музичка и танцова претстава и три дена во скијачкиот центар Масикрионг.

Туристите морале да следат строги правила, особено за фотографирање и правење видеа.

- Не смеевме да ја фотографираме војската или луѓето во униформа, не смеевме да фотографираме градилишта или згради во изградба. Имаше правила за тоа како да фотографираме. Исто така, весниците на кои имаше слика од ликот на лидерот не смееше да бидат преклопени за да не се истутка сликата.

Бичкова вели дека немало многу што да се купи, но имало две продавници, едната на аеродром, другата во главниот град каде што таа и другите туристи успеале да купат магнети, кукли, лего-коцки и други мали подароци.

Овие патници беа првите туристи на кои им беше дозволена посета на Северна Кореја, што е знак за зголемената популарност на Русија во Северна Кореја.

- Околу 200 деца специјално за нас подготвија едночасовен концерт. На сцената имаше повеќе луѓе отколку публика. Можевме да почувствуваме дека се обидуваат да создадат одредена слика за тоа како изгледа Северна Кореја. Но, некои детали открија дека тоа не е точно и дека животот тука е сосем поинаков - вели Бичкова.

И Воскресенски и Бичкова се свесни за кршењето на човековите права во Северна Кореја. И двајцата се надеваат дека патувањето ќе вреди за да се поврзат со севернокорејските граѓани. Размислуваат повторно да ја посетат оваа земја, но само ако се промени политичката ситуација.
 
Извор: CNN
Фото: Elena Bychcova
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот