X
 28.04.2023 Наша тема

Матурантите што се гладни за промени да студираат право, вели Даниела Димовска, судијка за извршување санкции

Апелот не е само за најсолидните матуранти според успехот, туку тие треба да и имаат високи морални карактеристики, без оглед од која фамилија се и кое презиме го носат, вели таа.

Во 2007 година дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје како најдобар студент на генерацијата. Уште како студент, од 2006 до 2010 година беше ангажирана за демонстратор по трудово право на факултетот. Добитник е на наградата „Франг Манинг“ за најдобар студент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за академската 2005/2006 година.

Кога растеш во работничко семејство, често чувствуваш неправда

Можевте да студирате информатика или друга дисциплина која денес е многу платена, што Ве привлече кон правото?

- „Правдата е идеал и сржта на сите морални обврски, а законот и правото се само алатка.“ Кога растеш во семејство на текстилна работничка и рудар, честопати ја чувствуваш неправдата, па можеби оттаму и дојде повикот за студирање право. Имав силно чувство за правда и желба да го менувам општеството! Всушност, правдата за мене отсекогаш била идеал и сржта на сите морални обврски, а законот и правото се само алатка, па логичен беше изборот на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Во тоа време само се насетуваше дека денес, по 20 години, ќе има многу поплатени професии, особено информатиката, но цврсто верував дека изборот на професијата е еден од најважните во животот и дека за неа мора да имаш жар. Затоа, воопшто не размислував за студирање на кој било друг факултет бидејќи бев решена да го следам мојот сон и еден ден да делам правда.

Амфитеатрите беа преполни, седевме дури и на скалите



Како беше кога Вие се запишавте на Правен?

- „Борбата за општото добро секогаш има смисла!“ Пред 20 години, кога дојдов од Штип и се запишав на Правен, беше привилегија да се најдеш над „црвената линија“, престиж да се запишеш на Правниот факултет во Скопје, а уште поголем успех ако влезеш во државна квота. Тоа беше период кога имаше најмногу кандидати, над 1.000, а, за жал денес, по 20 години, има едвај стотина кандидати, притоа сега веќе најдобрите матуранти воопшто не се дел од оваа бројка. Тогаш амфитеатрите беа преполни, дел седевме на скалите, се „боревме“ за слободно столче во читалницата. Чест беше да се следат предавања кај професорите Шкариќ, Марјановиќ, Камбовски, Калајџиев, Каламатиев, Старова (кај последните двајца професори поминав неколку години како демонстратор по предметот Трудово право, за што бескрајно сум им благодарна бидејќи ми ја вратија вербата дека доволно е да имаш знаење за да добиеш шанса). Во тој период очекувано беше најдобрите студенти на Правен факултет да станат дел од професорскиот тим на факултетот, судии или јавни обвинители.

Најдобрите матуранти го следат првиот академски час во други земји



Дали сметате дека и денес правото е предизвик за најдобрите студенти?

0 Изминативе години општеството сѐ помалку има почит кон овие професии, борбата за општото добро како да ја губи смислата, граѓаните како да се навикнаа дека тие гранки не се битни, па мислам дека баш оттука доаѓа незаинтересираноста кај матурантите да студираат право, а доколку евентуално студираат, желбата е да бидат адвокати, нотари или извршители. И што е уште позагрижувачки, не само што Правниот факултет повеќе не е предизвик, туку предизвик не се домашните универзитети. Најдобрите матуранти не само што не се бруцоши на Правен, туку за жал првиот академски час го следат некаде надвор. Тие млади луѓе за неколку години ќе иновираат, ќе дигитализираат, ќе лекуваат, но не во Македонија.



Зошто е значајно право да студираат солидни студенти, што значи тоа за државата?


- „Правото дефинитивно ви дава моќ да правите промени.“ Живееме во време на дефицит на кадар во сите сфери од општествениот живот. Но можеби дефицитот за правда е најочигледен бидејќи како што вели Платон: „Правда значи највисоките функции да ги дофаќаат луѓето што се дораснати за тоа“, па бидејќи во нашата држава тоа не е така, чувството за неправда стана наше секојдневие. Мислам дека таквото чувство е најголемата причина секојдневно да нѐ напуштаат млади талентирани умови и својот придонес да го даваат далеку од Македонија. Правниците најчесто се поврзуваат со правосудниот систем, па затоа е многу важно граѓаните да веруваат дека правдата ја делат стручни, независни и некорумпирани професионалци, кои претходно биле брилијантни студенти, a пред сѐ, луѓе што поседуваат високи морални и етички вредности, а нужно е да постои врска на доверба помеѓу овие луѓе и заедницата. Но, важноста на правото како професија не е поврзано само со судството. Правници се потребни во државните институции исто како и во невладините организации, во банки, корпорации...

Битката со корупцијата - предизвик на младите што сега студираат право



Како експерт од областа на правото, дали сметате дека во државата владее правото?

- Во овие 30 години самостојна државност пробавме многу експерименти, за жал, никогаш вистински не се обидовме да воспоставиме владеење на правото, а едно општество не може да напредува во ниту една сфера ако не функционира правниот систем. Крајно време е тоа да го поправиме и мислам дека товарот за тоа треба да го понесе токму оваа генерација на млади луѓе, која треба да покаже знаење и решителност, едноставно немаме повеќе време за експериментирање, ни требаат сега и тука, најдобрите! Затоа, апелирам до најдобрите матуранти, тие што се „гладни“ за промени, да студираат право бидејќи правото дефинитивно дава моќ за промени! Со релевантно знаење што можат да го понудат овие студии, имате неверојатна шанса да станете гласот на маргинализираните групи и да го промените општествениот систем секаде каде што има аномалии! Една од првите битки на овие млади луѓе ќе биде борбата со корупцијата, која е навлезена во сите пори од нашето живеење, од која „скапуваме“ како систем, а таа победа ќе значи спас на државата. Притоа, кога зборувам за најсолидните студенти, не мислам само на студентите што имаат висок просек, туку воедно да имаат и високи морални карактеристики, без оглед од која фамилија се и кое презиме го носат.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема