X
 28.11.2017 Култура

Во сенка на големиот лидер - Судбината на семејството на Сталин

Јосиф Сталин (1878-1953) бил една од најдоминантните фигури во историјата на СССР. Имал апсолутна власт, но тоа не им донело среќа на членовите на неговото семејство.

За самиот Сталин и ден-денес се води полемика во Русија. Некој го смета за херој и патриот, а други го проколнуваат како параноичен криминалец. И двете страни се согласуваат дека не му било лесно на семејството на Сталин. Еве со каква судбина се соочиле неговите најблиски луѓе.

Јаков Џугашвили (син) - застрелан во германско заробеништво

Според „Биографија за младиот Сталин“, напишана од Симон Монтефиори, идниот владетел ја обожавал својата прва сопруга Екатерина Сваниѕе, со која се оженил во Грузија во 1906 година и починала 16 години подоцна од тифус. Тој бил неутешлив, па дури и скокнал во гробот во текот на погребот, а присутните едвај го извлекле.

Нивниот син Јаков не уживал во таква љубов. Бил доведен во Москва во 1921 година и веднаш се разочарал од Сталин затоа што Сталин го третирал како мекуш. Така таткото и синот биле во лоши односи. Во 1925 година тој му рекол на Сталин дека сака да се ожени, но Сталин не му дозволил. Поради ова, Јаков сакал да изврши самоубиство, но само успеал да се повреди. Потоа Сталин му дозволил да го живее својот живот. Кога Русија во 1941 година влегла во војна, Јаков како артилериски офицер отишол во Црвената армија, а по еден месец завршил во заробеништво, одбивајќи да соработува со Германците. Бил убиен во 1943 година, додека бегал од чуварот. Не се знае дали Сталин жалел за смртта на својот син.

Надежда Алилуева (втора жена) - извршила самоубиство

Сталин се оженил со Надежда кога таа имала 18, а тој 39 години. Таа се заљубила во харизматичниот револуционер, но кога станала прва дама на СССР, а нејзиниот сопруг ја зграпчил сета власт во текот на 20-тите години, Надежда се фокусирала на семејниот живот.

Ги воспитувала Јаков и своите деца Василиј и Светлана, како и нивниот посвоен син Артјом Сергеј. Но овој семеен живот не бил лесен. Сталин и Надежда постојано биле во конфликт.

Не е јасно зошто Надежда извршила самоубиство во 1932 година. Според зборовите од нејзината ќерка Светлана, таа не можела да ја поднесе бруталната политика на нејзиниот сопруг.

Од друга страна, нивниот посвоен син Артјом тврди дека политиката нема никаква врска со оваа трагедија. Според него, Надежда страдала од неизлечива главоболка, така што не можела повеќе да издржи. Извршила самоубиство на 9 ноември, а Сталин бил шокиран.

Василиј Сталин (син) - поминал 7 години во затвор

Кога Надежда извршила самоубиство, нејзиниот син Василиј имал само 12 години. По смртта на неговата сопруга, Сталин уште повеќе со фокусирал на политиката, без да обрнува внимание на Василиј. „Живеевме лошо“, изјавил синот на Сталин.

Кога останал сам, Василиј почнал да пие. Сепак, тој бил талентиран пилот и служел во Втората светска војна. Важел за храбар и добар командант. По војната, во 1948 година, Василиј бил назначен за командант на воздухопловните сили и бил на функција до 1952 година, кога на еден банкет дошол доста пијан, па го изнервирал неговиот татко. Сталин го разрешил Василиј од функција, така што тој почнал да пие уште повеќе.

По смртта на Сталин во 1953 година, сè тргнало наопаку. После конфликтот со новото раководство, Василиј бил уапсен и поминал седум години во затвор како обичен заробеник. Кога излегол од затвор, живеел уште една година. Починал од труење со алкохол во 1962 година.

Светлана Алилуева (ќерка) - побегнала во Америка

„Отсекогаш го мразев СССР“, изјави во една пригода. Не го сакала ни татко си. Ја помнела неговата нежност во детството, но никогаш не му простила што сакал да го контролира нејзиниот живот. Тој раководел со нејзиниот живот. Кога Светлана се заљубила во постар човек, Сталин се навредил и го испратил во концентрационен логор пет години.

По смртта на Сталин, Светлана сакала да ја напушти земјата. Кога четвртиот сопруг на Светлана, индискиот комунист Браџеш Синг, починал во 1966 година, нејзе ѝ било дозволено да ја посети Индија. Таму побарала засолниште во американската амбасада, оставајќи ги Русија и две деца во таа земја.

Светлана живеела долг живот. Починала во 2011 година и имала објавено мемоари во неколку книги. „Каде и да одам, секогаш ќе бидам политички затвореник на името на татко ми“, напишала Светлана.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура