X
 29.04.2022 Наша тема

Недостигот на храна е предизвик за Македонија и за светот, смета проф. д-р Драги Димитриевски

Македонија е увозно зависна речиси за сите основни прехранбени производи. Врз денешната состојба, лошата структура, недоволната искористеност на земјоделското земјиште и намаленото производство последици остави процесот на приватизација од 90-тите години на минатиот век

„Рекордно високи цени на храната“, „Дивеат цените на храната во светот“, „Рестрикции на зејтин“, „Утрово поскапија и нафтата и пченицата“, „Војната во Украина може да биде погубна за глобалната безбедност на храната“... Ова се само дел од многуте наслови на текстовите во светските, но и во домашните медиуми. Една посериозна криза и повторно светот, а секако и ние во него, влегува во период на страв - дали може да се случи да нема доволно храна. На глобално ниво се изразува сериозна загриженост за сигурноста со обезбедување храна, особено во сиромашните и неразвиени земји, каде што и во нормални услови има дефицит на храна (Африка, Азија и Блискиот Исток), податок што го истакнува генералниот директор на ФАО во неговото обраќање по избивањето на руско-украинскиот конфликт. Со какви предизвици може да се соочи Македонија кога станува збор за недостигот на храна и прехранбени производи имајќи предвид дека само земјоделството е стопанската област што произведува храна. За ова, како и за тоа колку и како сме подготвени за преструктурирање во земјоделството и обезбедување доволно храна за населението во земјава, зборуваме со редовниот професор д-р Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ во Скопје.


Професор д-р Драги Димитриевски

Руско-украинскиот конфликт веќе два месеца го потресува светот и има огромно влијание врз снабдувањето со различни производи, пред сѐ, реагенси од областа на нафтената индустрија, металуршката, енергетската. Цените се во пораст, а светот стравува и од можен недостиг на храна. Како влијае моменталната состојба врз македонското земјоделство?

- Нашата држава, исто така, силно е погодена од руско-украинскиот конфликт, како директно така и индиректно. Индиректно сме погодени од големиот пораст на цените на основните прехранбени производи (масло, шеќер, брашно-леб, млеко, месо), како и од недостиг на одредени производи (сончогледово масло), како резултат на тоа што најголемите количини од овие производи ги увезуваме, а цената зависи од цените на надворешните пазари. Директно, овој конфликт особено го погодува македонското земјоделство, поради енормниот скок на цените на енергијата, добиточната храна, средствата за заштита и особено цените на минералните ѓубрива, како и губењето на пазарите во Русија и во Украина. Сето ова им нанесува силен удар на земјоделските производители и доколку останат без сериозни мерки на поддршка од страна на државата, ќе се соочат со сериозни загуби, што неминовно ќе води кон напуштање на секторот.



Дали македонското земјоделство може да ги задоволи потребите на населението или треба да се преструктурира?

- Последниве месеци земјоделството особено добива на актуелност, па може да се проследат повеќе теми во кои доминира тоа прашање, на кое не може да се одговори едноставно: „може“ или „не може“, со оглед дека одговорот мора да произлезе како резултат на сериозни анализи и изготвување стратегија за обезбедување со основните прехранбени производи.
Во овој момент Македонија е увозно зависна речиси за сите основни прехранбени производи, а со оглед дека во земјоделството нема брзи решенија, увозот на овие производи ќе продолжи и во наредниот период. Главните пазари од каде што се увезуваат овие производи се оние во регионот (Србија, Хрватска, Унгарија, Бугарија), со што во актуелната состојба ја избегнуваме директната зависност од големите производители и снабдувачи на светскиот пазар – Русија и Украина и опасноста да не можеме да ги обезбедиме овие производи. Доколку состојбите се нормализираат и пазарот слободно функционира, снабдувањето на македонскиот пазар ќе се одвива без проблеми. Меѓутоа, во услови кога настануваат кризи, државите често влијаат врз пазарите, пред сѐ, поради напорите за обезбедување на сопственото население со храна. Така се применува забрана за извоз на овие производи, што се случува сега со забраната за извозот од Србија (особено со сончогледовото масло), што доведува до недостиг на пазарот. 

Кои се нашите слабости и кои се причините за состојбата во која се наоѓа земјоделството денес?

- Македонското земјоделство се наоѓа во состојба да не може да ги произведе овие основни производи поради комбинација од повеќе фактори и причини, кои доведоа до неговите слабости. Две групи причини и фактори предизвикаа долгогодишни неповолни трендови, и тоа: климатските фактори и општествено-економските фактори и процеси во минатото. Основната слабост произлегува од неповолната структура, односно од организациската структура на производните субјекти. Таа структура ја сочинуваат 178.125 земјоделски стопанства, од кои само 280 се деловни субјекти (трговски друштва), а преостанатите се семејни земјоделски стопанства. Оваа структура е со многу мал посед од само 1,8 хектар, што е поделен на повеќе парцели, а повеќе од 60% од овие стопанства поседуваат површина до 1 хектар. Со ваков земјишен посед не е можно да се обезбеди т.н. „економија на големина“, а особено во производството на основните прехранбени производи (пченица, пченка, сончоглед, јачмен како добиточна храна). Овие стопанства поседуваат во просек по 2,14 добиточни единици, а просечно по земјоделско стопанство се ангажирани 2,5 лица, што укажува на висока трудоинтензивност. Сето ова доведува овие стопанства да функционираат на границата на одржливост што предизвикува напуштање на секторот, особено од страна на младите, со што постепено се напушта основниот производен ресурс – земјоделското земјиште. Според структурните истражувања од 2016 година, сите земјоделски стопанства обработувале само 320.738 ha, што претставува половина од тоа што се користело во 90-тите години на минатиот век. Неповолните движења на пазарот, каде што земјоделците немаат пазарна моќ во однос на трговците/преработувачите, при што тие не можат да ги постигнат посакуваните цени, доведува до неможност за обезбедување соодветен доход и намалена можност за инвестирање и зајакнување на продуктивноста и конкурентноста. Од друга страна, цените на инпутите растат со повисоки стапки од тие на аутпутите во земјоделството, што дополнително ја влошуваа материјалната состојба на земјоделците.

Врз денешната состојба, лошата структура, недоволната искористеност на земјоделското земјиште и намаленото производство силно влијание и остави последици процесот на приватизација на општествениот капитал од средината на 90-тите години на минатиот век, во кој процес се загубија големите производни системи – земјоделските комбинати, кои беа хоризонтално и вертикално поврзани во репроцелини; кои користеа големи и уредени земјишни парцели каде што ефикасно се користи механизацијата; со крупни сточарски фарми; и целокупното производство го наменуваа за пазар. Во овие системи беа применувани современи технологии и научни достигнувања, а значаен дел од вработените беа стручни лица: дипломирани земјоделски инженери и техничари, како и други високостручни кадри. Во самиот процес на приватизација дел од преработувачките капацитети беа издвоени од примарното производство, а во текот на годините самите тие ги прекинаа кооперативните односи со примарното производство, со што кај некои производства целосно замре примарното производство (на пр., на шеќерната репка).



Дали сметате дека македонското земјоделство може да обезбеди храна за населението?

- За да се одговори на прашањето дали на среден и долг рок македонското земјоделство може да обезбеди храна за населението, што претставува основна политичка причина за постоење на земјоделската политика, мора да се појде од претходно споменатите слабости и причините кои доведоа до денешната состојба. Потребно е да се анализираат сите споменати, но и останати фактори што влијаат врз земјоделското производство и да се дадат насоки за идниот развој. Лично сметам дека постои можност да се зголеми производството на основните прехранбени производи. Секако дека нема да можеме да ги обезбедиме целосно сите потреби, но мора да се обезбеди оптимално искористување на капацитетите и да ги ставиме во функција на производството на храна. За значителен дел од потребите што и сега ги обезбедуваме (овошје, зеленчук), потребно е да ги зголемиме ефикасноста, конкурентноста и извозот. Постои потенцијал, постојат капацитети, а верувам дека постои и волја кај сите политички субјекти да се обезбеди согласност за поддршка на земјоделско-прехранбениот сектор, како единствен што обезбедува храна и опстанок на населението, а со тоа истовремено обезбедува и безбедност и независност на државата.

Како, според Вас, се вреднувани дипломираните земјоделски инженери во нашата држава?

Струката да се подигне на повисоко ниво на респект. Македонија има квалификуван стручен кадар кој е генериран од силни наставно-образовни и научноистражувачки институции. Тие треба да се стават во целосна функција и да се ангажираат да изнајдат решенија за нови производни и организациони системи, за воведување современи технологии кои ќе го решат проблемот на ниските приноси, ќе воведат дигитализација во земјоделството, ќе вршат анализи на пазарите и ќе дадат насоки за можностите за зацврстување на позициите на постојните и излез на нови пазари. Ова ќе го зголеми и интересот на младите за студирање во областа на земјоделските науки и храната, како струка која има меѓународно значење, како струка која е клучна во предизвикот за обезбедување храна за населението во светот. Нашите млади инженери, за жал, секојдневно се одлеваат надвор, во други земји каде што се вреднувани и успешни во својата работа, проблем на кој посебно внимание треба да посвети државата.

Фото: приватна архива
Подготвил: Христина Христовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема