X
 29.05.2019 Технологија

Развиен едноставен тест што може да ви го измери нивото на стрес

Стресот е тивок убиец. Стресот не може да се избегне. Сепак, правилното управување и следење на вашиот стрес може да биде од суштинско значење не само за секојдневните перформанси, туку и за вашето долгорочно здравје. Постојат голем број истражувања што постојано укажуваат на тоа како стресот може да биде штетен за вашето здравје.

Истражување од 2013 година посочува дека стресот може да влијае врз тоа колку добро може да ги контролирате вашите емоции. Истражувачите од Универзитетот „Џон Хопкинс“ велат дека децата изложени на хроничен стрес имаат поголема веројатност да развијат ментална болест. Неодамнешно истражување од Американскиот институт за стрес покажа дека стресот може да ги зголеми шансите за срцеви заболувања.

Треба да проверите колку сте под стрес? Истражувачите од Универзитетот во Синсинати откриле нов тест што може да измери под колкав стрес сте користејќи едноставни информации. Овој стрес-тест може лесно и едноставно да ги мери заедничките стрес-хормони користејќи ги потта, крвта, урината или плунката. Евентуалната крајна цел на овој тест е да се користи во нашето секојдневие, така што пациентите ќе можат да го следат сопственото здравје.

- Сакав нешто едноставно и лесно за толкување. Тестот можеби не ги дава сите информации, но ви кажува дали е потребно професионалец да се погрижи за вашата состојба - вели Ендру Стекл, познат научник и професор по електротехника на Колеџот за инженерство и применета наука.

Уредот користи ултравиолетова светлина за да ги измери стрес-хормоните во капка крв, пот, урина или плунка со мерење на стрес-биомаркерите пронајдени во овие течности. Всушност, уредот мери повеќе биомаркери.



- Стресот ни штети на многу начини. Не знаете колку е катастрофално долгото траење на стресот - вели Прајокта Реј, првиот автор на истражувањето.

- Многу физички заболувања како дијабетесот, високиот крвен притисок и невролошките и психолошките нарушувања се припишуваат на стресот низ кој поминал пациентот. Тоа ме заинтересира - вели Реј.

Сфаќањето на тоа како стресот влијае врз нас би можело да стане исклучително вредно. Сите сме свесни дека стресот е тема за која се дискутира со години, предизвикувајќи промени во канцелариите и училниците.

- Овој стрес има потенцијал да биде силен комерцијален уред. Би било одлично да се види дека истражувањето оди во оваа насока - вели Реј.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија