X
 29.08.2018 Култура

Пехчевски Буковик – стара вулканска купа со подзаскриена природна убавина!

Буковик (Орловец, 1723 m) е мало планинско возвишение, кое се издвојува на западната страна на планината Влаина. Просторно се протега североисточно од Пехчево, помеѓу Пехчевска Река и изворишниот дел на Желевица. Без оглед на малите димензии што ги има, по одредени морфогенетски особености, Буковик може да се смета за одделна микро-планина од палеовулкански тип. Всушност, како посебна планина ја смета и локалното население. Релјефно, Буковик претставува единствената маркантна вулканска купа во Сасо-Торани­чко-Пехчевската палеовулканска област и во овој краен источен дел на Република Македонија. Пречникот на оваа мала вулканска планина е околу 3,5 km, површината 12,8 km2, а релативната височина 600-700 m. На исток од овој врв, преку плитко седло, Буковик се поврзува со билото на Влаина и нејзиниот највисок врв Кадиица (1932 m). Јужните и северните падини (кон долините на Пехчевска Река и Желевица) се доста стрмни, додека западните постепено паѓаат кон долината на Негревска Река.

0

Без оглед на близината до градот Пехчево, како и на повеќето телекомуникациски уреди на врвот, до повисоките делови на Буковик води релативно лош макадамски пат погоден само за типично теренско возило (со добри теренски гуми). Донекаде, тоа можеби е и добро заради помало антропогено загрозување на планината, иако највисоките предели се мошне атрактивни за излети, прошетки, или како „станица“ за искачување на врвот Кадиица. Затоа пак, доколку се има доволно време, со планински велосипед ќе треба само 2 часа, а пеш – со планинарење, околу 5-6 часа во двете насоки. Попатно, може да се ужива во преубавите природни пејсажи, да се посети локалитетот Јудови Ливади на кои вирее растението муволовка, или пак да се помине покрај интересната карпеста појава Вртена Скала.

1
Долината на Пехчевска Река ги одвојува Буковик (лево) и Влаина (десно).

Најатрактивен дел на Буковик е оној над 1500 метри, особено на врвот Орловец (1723 m) кој има одлики на карпест вулкански нек. Овде има крупни блокови од распаднати вулкански карпи (кварцлатити), кои на неколку места преминуваат во сипари и мориња од карпи. Сите тие сведочат за моќта на некогашниот вулкан, чии ерупции завршиле пред десетина милиони години. Поради густата букова шума (од каде и името на планината), само на неколку места околу врвот, се отвора широк, но мошне убав панорамски видик. Највпечатлив е панорамскиот видик над големиот сипар на јужната страна, од каде се протега извонредна глетка кон долините на Пехчевска Река, извориштето на Брегалница, јужниот дел на Влаина и кон Ченгино Кале. Убав видик има и на источната страна, кон највисокиот дел на Влаина и врвот Кадиица, но и на запад, од каде во претпладневните часови и при ведро време, одлично се гледаат градот Пехчево и поширокиот простор.

2
Буковик снимен од северната страна.

Заради височината и шумовитоста, воздухот во високиот дел на Буковик е свеж, чист и со благопријатен ефект. Преку лето, температурите овде се за 4-5 степени пониски од оние во Пехчево, така што за време на високи температури во градот, овде има можност за природно разладување. На падините пак, има бројни извори и потоци, чија вода стрмно се спушта кон Пехчевска Река, на некои места преку брзаци и помали водопади. Најголем број извори, поради геолошкиот состав во подлогата, се средно-до силно минерални, а меѓу нив посебно интересен е изворот „Смрдлива Вода“. Имено, водата од овој извор има изразито специфична миризба, жолтеникаво-црвенкаста боја, а вкусот е кисело горчлив, најверојатно како резултат што поминува низ разни железни руди со кои изобилува Буковик. Се користела, а и денес се користи за лекување на стомачни заболувања. Освен густа букова шума, на Буковик има разновидна вегетација со ретки, па и ендемични видови, разни лековити растенија, шумски плодови и др. Посебна уникатност е појавата на растението муволовка во западното подножје на Буковик, во месноста Јудови Ливади. На тресетиштата и влажните ливади се развива инсектојадното растение Drosera Rotundifolia. Инсектите се привлечени од црвената боја на растението и светлечките капки желатинозна материја која ја излачува. Понатаму со помош на своите ензими ги разложува прилепените инсекти, користејќи ги од нив хранливите материи кои му недостасуваат. Планината е богата и со животински свет, без оглед на силното антропогено влијание.

3
Густа шума на јужните падини на Буковик.

Се на се, покрај Ченгино Кале и источниот дел на Малешевски Планини, потоа јужните ограноци на Влаина, изворишниот дел на Брегалница и Пехчевските водопади, Буковик е уште една значајна природна атрактивност на Пехчево која има голем, но засега слабо искористен туристички потенцијал.

4

Сепак, сосема можно е овој мал природен рај, наскоро да биде значително деградиран. Имено, поради утврдените лежишта на железна, бакарна руда и др., последниве години се зголемува интересот на неколку странски компании за нивна експлоатација токму на Буковик. Доколку се реализира таквиот зафат, општината Пехчево ќе има економски придобивки, но ќе изгуби дел од своите природни убавини и атракции. Затоа, треба добро да се процени што ќе се добие, а што ќе се изгуби со отворањето на рудник во овој дел на Пехчевско, кој сеуште е еден од ретките добро сочувани природни комплекси во Македонија. Воедно, при нашите последни теренски посети на овој простор, забележана е мошне интензивна сеча на шумата од десната долинска страна на Пехчевска Река и тоа на голема површина (види слика горе), со што значително е деградиран целиот пејсаж. Се надеваме дека сечата е контролирана, стручно оправдана и дека со самопошумување ќе се обнови шумскиот комплекс (доколку ерозијата не предизвика неповратна штета).

5
Еден од видиковците кај сипарите, јужно од врвот Орловец (1723 m).

Во меѓувреме, искористете го пријатното летно време, прошетајте и уживајте во густите шуми и убавини на вулканската купа Буковик.

Автор: д-р Ивица Милевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура