X
 29.08.2019 Технологија

Каков ефект ќе има криењето на лајковите на „Инстаграм“ врз корисниците, брендовите и инфлуенсерите?

Неодамнешен извештај од Кралското друштво за јавно здравје откри дека „Инстаграм“ е најштетната социјална мрежа поради нејзиниот ефект врз менталното здравје на корисниците.

Лесно е да се види зошто. Постојаните споредби меѓу сопственото тело и телото на другите луѓе, кои буквално се платени да изгледаат убаво, никогаш нема да заврши добро.

Затоа, „Инстаграм“ неодамна, во обид да се бори против проблемите со менталното здравје, воведе опција за криење на лајковите на фотографиите.

Можеби ќе направи разлика, можеби не, но добро е да се види дека се вложува некаков напор. Лајковите станаа валути за некои луѓе чија кариера и егзистенција се потпираат на „Инстаграм“.

- Со други зборови, кликнувањата и вниманието сега се важни колку и парите - вели Брендан Кели, професор по психијатрија на колеџот „Тринити“.

- Нив треба да ги трошиме мудро, исто како што правиме со нашите пари. Поголемиот дел од човечката несреќа произлегува од нашата споредба со другите луѓе - додава Кели.

Но, што е со луѓето кои директно ќе бидат засегнати од промените, самите инстаграм-инфлуенсери, чии кариери се потпираат на брендовите што се рекламираат на „Инстаграм“.

instagram
Фото: Freepik

Што ќе значи промената за нив?

Розана Персел е една од најпознатите ирски инфлуенсерки на „Инстаграм“ и таа е екстремно гласна за придобивките што ги носи криењето на лајковите.

- Мислам дека ќе ја направи социјалната мрежа далеку подобро место. Добивам многу пораки од млади девојки кои „Инстаграм“ го гледаат како мерка за нивната вредност и место за споредување на секое ниво, особено популарноста - вели таа.

Но брендовите треба да знаат колку добро функционираат постовите на инфлуенсерите пред да одлучат да работат со нив. Сепак, постојат и други начини да дознаат.

Кога брендовите стапуваат во контакт со потенцијалните инфлуенсери, тие бараат информации што покажуваат колку импресии добива секој пост, колку лајкови и коментари добива постот и други статистики. Дури и да не видат колку лајкови добиваат постовите, ако големите брендови сакаат да знаат, ќе ги добијат овие информации.

Друга промена за влијанието на инфлуенсерите е зголемената важноста на инстаграм-приказните.

Извршниот директор на „Соушал нејтив“, Дејвид Шадпур, вели дека целта на „Фејсбук“ и „Инстаграм“ е да ги натера корисниците повеќе да ги користат приказните бидејќи тие веруваат дека иднината е во кратките форми на видеа, а не во статичните слики.

- Со намалување на фокусот на лајкови како индикатор за успех креаторите ќе имаат поголема креативна контрола - фокусирајќи се на содржината и транзицијата на нивната содржина кон видео - вели тој.

Укинувањето на лајковите на „Инстаграм“ сè уште е во тест-период, но се чини дека е успешно, а секоја социјална мрежа што им дава помала важност на конкуренцијата и споредувањето е подобрена мрежа.

Сосема освежувачки е да се види дека некоја социјална мрежа се обидува да направи промена на подобро. Да се надеваме дека проактивниот потег на „Инстаграм“ ќе предизвика сличен тренд кај другите социјални мрежи.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија