X
 30.03.2024 Наша тема

Како да препознаете дека на вашиот миленик му е потребна итна помош, објаснува ветеринарот Ванчо Јосифоски

Ванчо Јосифоски, доктор по ветеринарна медицина, вели дека најчесто се соочува со труења од хемиски препарати, паѓање од височина, застанати коски меѓу заби и грло, а во лето со сончаници

Многу сопственици не знаат кога нивните миленици се во критична состојба, кога треба да ги однесат на итна помош, кои се симптомите што укажуваат на итен проблем, какви знаци даваат милениците... Со Ванчо Јосифоски, доктор по ветеринарна медицина, поразговаравме на оваа тема. Тој ни открива кога сопствениците треба итно да ги однесат милениците на ветеринар, кога непотребно создаваат паника и споделува неколку совети.

70 проценти од сопствениците непотребно паничат, но некои доцна реагираат



Според Ванчо, кога зборуваме за итна помош, постојат повеќе причини кои можат да се сметаат за итност.

- Под број 1, најбрза реакција ни треба при труење со инсектициди. Некогаш намерно од несовесни граѓани, некогаш случајно од несоодветно чување во домашни услови. Освен труење со отрови, постојат и други примери, односно труење со храна и најчесто во овој период труење со антифриз. Најчесто се случува кај мачките затоа што има сладникав вкус. Вообичаено големо процент од ваквите случаи завршуваат трагично затоа што ветеринарите се секогаш подалеку од местото на „злосторството“. Како втори во низата би ги ставил трауматските повреди, од удар со возило (прегазување), повреди со тврди предмети, пад од висина (најчесто кај мачките), тука постои опасност од искрварување или траума на бели дробови која предизвикува задушување. Трето е заглавување на туѓо тело во грлото. Во мојата амбуланта најчести се примери се коски кои можат да доведат до задушување или руптура на хранопроводот или опструкција на дигестивниот тракт и крвавење. Често ги карам моите пациенти дека коските не се храна. И како последни, според мене, би ги ставил повреди од замрзнување, сончаници и дехидратација (при тешка дијареја и повраќање) - ни споделува Ванчо.



На прашањето дали сопствениците често создаваат паника, тој потврдува дека често му се случува сопствениците на миленици да реагираат бурно во ситуации во кои нема простор за паника.

- Сопствениците се грижат за милениците како за свое дете и некогаш реагираат бурно, иако за тоа нема потреба. Не секое повраќање е труење. Кога ќе видат крв во повратеното, не значи дека има крвавење кое е фатално. Секое кашлање не значи дека е заглавен предмет. Имам секакви случаи, од кои 70 отсто непотребно паничат, но морам да кажам дека и некои доцна реагираат - вели тој.

Најчест симптом е неконтролирано повраќање

Најчести симптоми кои укажуваат дека на миленикот му е потребна итна помош се: неконтролирано повраќање со пена на устата и грчеви, крвавење од природни отвори, пад во бессознание.



- Единствен препарат што треба да го имаат дома е медицински јаглен познат. Тој се користи како прва помош при труење, за другите примери што ги наведов мора брзо да одат на ветеринар - споделува Ванчо.

Тој најчесто се соочува со труења од хемиски препарати, потоа паѓање од височина, во кои случаи 99 отсто се мачки, потоа застанати коски меѓу заби и грло, а во лето сончаници.

- Најчеста грешка на сопствениците е барањето решение на проблемот на „Гугл“, па повикај пријател. Во последно време пробувам малку да ги едуцирам - прво да ми се јават или да дојдат, а потоа може да се консултираат со интернетот. Моја препорака и совет до сите сопственици на миленици: Секогаш имајте дома медицински јаглен, но и носете го со себе каде и да одите со миленикот. Заградете ги балконите со мрежа ако чувате мачки и носете си еден завој кога шетате во природа. Секогаш имајте вода во топлите денови и на плажите за вашите миленици. За друго, консултација и одење на ветеринар - советува докторот по ветеринарна медицина Ванчо.


Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема