X
 30.06.2018 Наша тема

Како Љубе Митевски ги откри фосилите во делчевски Стамер

Рударскиот инженер Митевски во 2008 година ја видел првата коска како ѕирка од подмрзнатата земја на еден рид 

Суви гранки од багрем... тоа ќе беа фосилните остатоци од праисториските животни што го прославија делчевското село Стамер ако не беше окото на 50-годишниот Љубе Митевски.
Рударскиот инженер Митевски во 2008 година случајно забележал стара коска како ѕирка од под подмрзнатата земја на еден рид во родниот Стамер. Некој од соселаните искоментирал: „Дождов донел куп суви гранки од багрем“. Но, Митевски веднаш знаел дека тоа не се суви гранки. Ја прошета екипата на Факултети.мк по ридот на локацијата каде што се пронајдени фосилните остатоци од жирафа, носорог, антилопи, мастодонт...
- Имам завршено Рударско-геолошки факултет, па имам основни познавања од палеонтологија. Затоа и ги препознав остатоците на теренот. Мислев дека се само фрагменти од фосилни остатоци, но излезе дека се работи за поголеми коски – раскажува Митевски гледајќи во почвата што крие огромни тајни.


Остатоците од жирафата (Фото: Биљана Гаревска)

Реонот крие многу фосилни остатоци

Откако ги видел коските, се јавил на Факултетот да го побара својот професор Ристо Гаревски.
- Ми кажаа дека професорот соработува со Природонаучниот музеј и да се јавам таму. Пријавивме дел од коските и забите. Екипи од Музејот дојдоа повеќе пати во селото и вршеа ископувања на теренот. Тие ангажираа и научници од Франција и од Бугарија. Открија дека фосилните остатоци се од пред ледената доба, пред постанокот на мамутите. Досега се пронајдени остатоци од жирафа, антилопи, дел од носорози, хипарион - раскажува Митевски.


Љубе Митевски

По ова откритие селото Стамер стана познато на светската палеонтолошка карта. Жителите раскажуваат дека доаѓале новинари, палеонтолози, истражувачи, но и туристи.
- На целиот регион веројатно има многу остатоци. На самиот терен има ерозија и при пообилни дождови природата сама ги открива. При ископување на бунарите во селото се јавуваа остатоци и на 16 метри длабочина. Оние на жирафата ги пронајдовме овде, ни посочува Митевски на местото. Потенцира дека се работи за големо откритие кое е пред сѐ значајно за науката. Остатоците сега се во Природонаучниот музеј во Скопје, некои се изложени. Секое ново откритие Митевски го пријавува во Музејот, а и кој било од селаните ако забележи нешто, му јавува. Тој е дежурниот теренски асистент-палеонтолог.


Митевски посочува каде го пронашол првиот фосил

- Овој терен треба да се заштити. Кустосот палеонтолог Биљана Гаревска е ангажирана од Природонаучниот музеј за да комуницира со нас за сѐ што ќе пронајдеме овде. Јас веднаш ѝ јавувам штом ќе најдеме некои остатоци, па таа доаѓа со екипа и вршат ископувања. Постојано излегува нешто ново. Затоа сметам дека треба да се продолжи со ископувањата – вели тој.

Многу наши градови биле езера

Кустосот палеонтолог Гаревска вели дека поради овие фосилни цицачи, кои во денешната доба холоцен живеат на топло поднебје, можеме да заклучиме дека во тоа време климата била топла.
- Голем број од нашите градови во минатото биле езера и формирале басени: скопски, тиквешки, велешки, валандовски и делчевски и др. Околу езерата имало богата трева, дрвја и тука можеле да живеат овие пикермиски животни. Оваа фауна, овие фосилни цицачи се слични на денешните африкански цицачи: носорози, хиени, слонови, антилопи, мајмуни и многу други видови. Досега постојат околу 40 вида откриени во Р. Македонија од овие пикермиски цицачи. Карактеристично за тогашната македонска савана е тоа што шетале мастодонти, носорози, хиени, жирафи, антилопи, мајмуни, сабјести тигри и хипариони. Остатоци од овие животни се пронајдени на повеќе локалитети низ Македонија – вели Гаревска.


Гаревска со Митевски на терен

Таа објаснува дека од локалитетот Стамер, покрај фосилните остатоци од жирафа кои му припаѓаат на видот Sivatherium garevskii, биле пронајдени и други видови.
- Пронајдени се одделни коски и фрагменти од заби, од черепи и рогови од видовите Cervus cf. cervavitus (елен), Hipparion sp. (коњ со 3 прсти), Sus sp. (свиња), Parabos cf. cordieri (говедо), Rhinoceros sp. (носорог), Adcrocuta eximia (хиена), како и Anancus sp. (мастодонт од Ѕвегор).

Херојот на Стамер

За селото, Митевски е веќе херој. Го бараат сите, од новинари и познати истражувачи до соселаните кога ќе откопаат некоја стара коска. Тој работи во јавното претпријатие за комунални дејности „Брегалница“, но кога ќе си дојде дома, е дежурниот палеонтолог во селото.
- Не го работам она за што сум учел, но местото каде што живеам ми овозможи сепак да бидам во контакт со големата љубов – палеонтологијата.


Митевски ни покажува фотографија од првите остатоци

Праисториската масовна гробница на животни кај делчевски Стамер стана светски позната локација по капиталното откритие на черепот на жирафа која потекнува од раниот плиоцен. Убавото и живописно село Стамер не е имуно на иселувањето. Жителите главно се занимаваат со земјоделство, но Митевски вели дека младите претежно гледаат да избегаат во странство.
- Треба да се направи нешто со ова наше откритие – праисториската гробница, може да биде туристичка атракција, па така да заживее и селото. Затоа не смееме како држава да го оставиме вака - вели Митевски.


Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема