X
 31.03.2024 Технологија

Создадена најбрзата камера на светот - 156 билиони слики во секунда

Професорот Јинјанг Лијанг и неговите колеги од Канадскиот институт за научни истражувања во Квебек развиле нова ултрабрза камера што може да сними до 156,3 билиони слики во секунда со неверојатна прецизност и првпат овозможува 2Д-оптичко снимање на ултрабрза демагнетизација во една снимка.

Овој нов уред, наречен СКАРФ, може да снима минлива апсорпција во полуспроводник и ултрабрза демагнетизација на метална легура. Овој нов метод ќе помогне да се поместат границите на знаењето во широк опсег на полиња, вклучувајќи ги модерната физика, биологијата, хемијата, науката за материјали и инженерството.

Досега ултрабрзите камери најчесто користеле пристап кој вклучува последователно (секвенциско) снимање на кадрите еден по еден. Собирале податоци преку кратки, повторени мерења и потоа ги спојувале сите заедно за да создадат филм кој би го реконструирал набљудуваното движење.

- Меѓутоа, овој пристап може да се примени само на инертни примероци или на феномени кои се случуваат на ист начин секој пат. Кревките примероци, да не зборуваме за феномени кои не се повторуваат или се со ултраголема брзина, не можат да се забележат со овој метод - истакнал професорот Јинјанг Лијанг, експерт за ултрабрза и биофотонична слика.

Првата алатка развиена од професорот Лијанг помогнала да се пополни оваа празнина. Системот „Т-ЦУП“ (компресирана ултрабрзинска фотографија со билиони фрејмови во секунда), се засновала на пасивно сликање во фемтосекунда, по што може да се добијат десет билиони слики во секунда. Тоа е огромен прв чекор кон ултрабрзо, единечно фотографирање, во реално време.

Режимот на фотографирање на системот СКАРФ овозможува ултрабрзо движење на статички кодираната бленда, без да се наруши ултрабрзиот феномен кој се слика. СКАРФ, исто така, ветува и многу атрактивни економски резултати. Две компании веќе работат со тимот на професорот Лијанг на производство на верзија од откритието за патентирање и претставување на пазарот.

Истражувањето е објавено во списанието „Комуникации во природата“.

Извор: Vidi.hr

Фото: INRS

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија