X
 31.10.2023 Наука

Ембриони на цицач преживеаја во вселената

Истражувањата за можен живот во вселената се зголемуваат, а едно од клучните прашања е дали луѓето ќе може да се размножуваат во вселената? Според нов експеримент, има шанси тоа да биде возможно. Првпат се создадени ембриони на цицач во вселената, и тоа на Меѓународната вселенска станица, која кружи околу планетата на околу 400 километри над површината.

Во експеримент дизајниран и воден од молекуларниот биолог Терухико Вакајама од Универзитетот во Јаманаши, резултатите покажуваат дека ембрионите на глушец може да преживеат во вселената.

- Постои можност за бременост во текот на идните патувања до Марс бидејќи ќе се патува над шест месеци. Спроведуваме истражување за да се осигуриме дека ќе може да има безбедно породување доколку дојде тоа време - објаснува Вакајама.

Научниците одамна се прашувале дали фетус на цицач може да се развива во микрогравитација. Претходно биле спроведени експерименти во симулирана околина, а во најновото истражување експериментите биле направени на Меѓународната вселенска станица.

Истражувачите оплодиле јајце-клетки на глушец и ги развиле во ембриони, а потоа ги замрзнале и ги испратиле во станицата. Таму ембрионите бил одмрзнати и чувани четири дена, а потоа биле вратени на Земјата за подетална анализа. Еден дел од ембрионите биле чувани во микрогравитација, а друг дел биле чувани во симулирана околина со гравитација на Меѓународната вселенска станица. Истовремено бил создаден и чуван ембрион на Земјата.

Стапката на преживување на двете групи на Меѓународната вселенска станица била пониска од онаа на групата на Земјата, но оние ембриони што преживеале во вселената потоа нормално се развивале. Фактот што има ембриони што преживеале е охрабрувачки знак, посочуваат научниците.


Извор: Science alert
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука