Градежништво

Студиите по Градежништво ги опфаќаат следните насоки:

КОНСТРУКТИВНА НАСОКА

Градежниот конструктор има знаење, смелост, но и привилегија да создава и да му дава димензија на времето и просторот во кое живее. Конструктивната насока ги едуцира идните градежни конструктори и ги поттикнува нивните идеи во насока на проектирање и градење на објекти кои ќе го подобрат квалитетот на секојдневното живеење. Дела на градежниот конструктор се: станбените објекти, индустриските објекти, објектите за спорт и култура (стадиони, спортски сали, базени, театри, кина, музеи, изложбени павиљони), мостовите, вијадуктите, водните кули, резервоарите, силосите и др. На конструктивната насока се изучуваат теоретските и практичните проблеми на проектирањето, градењето, одржувањето и ревитализацијата на армирано-бетонските, челичните и дрвените конструкции, но и специфичните проблеми на геотехничкото и асеизмичкото инженерство, следејќи ги притоа новитетите во компјутерското проектирање и во индустријата на градежни материјали. Проблематиката што ја опфаќа конструктивната насока поделена е во четири програмски целини, покриени со соодветни катедри, а тоа се:

  • катедрата за техничка механика и јакост на материјалите; 
  • катедрата за теорија на конструкциите; 
  • катедрата за дрвени и бетонски конструкции; 
  • катедрата за челични конструкции.  

НАСОКА ПО ХИДРОТЕХНИКА

Според бројни проценки, водата ќе претставува најзначаен природен ресурс во XXI век, а степенот на совладување на водостопанските проблеми ќе го услови опстанокот и напредокот на општествената заедница. Хидротехниката се занимава со: општа теорија, проектирање, изградба и експлоатација на инженерски објекти, во сферите на користење, заштита и одбрана на водите. Хидротехничката насока на Градежниот факултет во Скопје има богата и долга традиција, која датира од 1949 година. 

Денес, наставно-научниот процес по оваа насока е организиран преку три катедри:

  • катедра за хидраулика, хидрологија и регулирање на реки; 
  • катедра за водовод, канализации и мелорации; 
  • катедра за хидротехнички објекти, хидроенергетика и водостопански системи. 


НАСОКА ПО ПАТИШТА И ЖЕЛЕЗНИЦИ
Домените на интерес за изучување на градежниот инженер од насоката за патишта и железници се поврзани со патната и железничката транспортна инфраструктура. Двете истоимени катедри, кои ја третираат оваа проблематика, се формирани уште со отворањето на Градежниот факултет и имаат пет-децениска традиција во формирање на инженерскиот кадар. Денес, современото поимање за планирање, проектирање и градење на транспортната инфраструктура бара од инженерот да не биде само експерт за проектирање и градење, туку да има познавање и од сообраќајната инженерија и методите за проектен менаџмент. 

Посебен акцент во наставата се посветува на тематските дисциплини поврзани со планирање, проектирање и градење на патната и железничката инфраструктура. Составен дел на материјата којашто се изучува се и методите за концепција и избор на материјали во горниот строј на патиштата и железниците. 

Покрај ова, се изучува и областа од проектирање и градење на тунели и земјени работи. Катедрите од насоката за патишта и железници располагаат со квалитетни софтверски пакети. Компјутерската техника за проектирање се применува во практичната разработка на часовите за вежби со студентите. Завршените инженери од оваа насока можат да најдат свои професионални ангажмани во изработка на: сообраќајни решенија во урбанистичкото планирање, проекти за патишта, градски сообраќајници, железници, железничи станици, кај консултантски фирми од областа на економијата и инвестициите, градежната оператива и јавниот сектор. Соработката со светските странски факултети и размената на студенти е дел од нашата традиција, особено со градежните факултети во Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Швајцарија и Франција.